Видео Grammy-2014-2015

1 февруари, 2014

Уживајте со настапите од Греми 2014

Во неделата, 26-ти јануари, во Стејплс арената во Лос Анџелес се одржа 56-тото доделување на музичките награди Греми. Како и секоја година, оваа манифестација привлекува големо внимание со несекојдневните настапи кои спојуваат на изглед неспоиви уметници. Првите изведувачи кои имаа чест да ја отворат највозбудливата ноќ во музичката индустрија беа Бијонсе и Џеј Зи кои наспатија со нивната најнова соработка „Drunk In Love“, тема која се најде на најновиот албум на Бијонсе.

 

Веднаш по нив следуваше првиот настап на оваа манифестација за 17-годишната дебитантка Лорд и нејзиниот мега хит „Royals“. Новозеландската пејачка беше номинирана во 4 категории, а дома си замина со статуетките за Најдобра песна и Најдобра поп соло изведба.

 

Следниот настап го имаше 22-годишниот американски кантри музичар Хантер Хејс со неговиот сингл „Invisible“. Хејс беше номиниран во категоријата Најдобра кантри соло изведба, но статуетката отиде во рацете на колегата Дариус Ракер.

 

Третиот сингл од актуелното издание „Prism“, темата „Dark Horse“ за која Кејти Пери соработуваше со колегата Џуси Џеј беше четвртиот настап за оваа вечер, а како изгледаше сето тоа можете да видите во продолжение.

 

Следниот настап беше заеднички на популарниот музичар кој годинава ги доби првите 3 Греми номинации, Робик Тик и бендот Чикаго, a веднаш по нив настапи австралискиот музичар Кит Урбан заедно со Гери Кларк јуниор.

 

Добитникот на 9 Греми награди, американскиот музичар Џон Леџенд настапи со неговиот актуелен хит, баладата „All Of Me“. (за жал ова е најдобрата снимка која можевме да ја најдеме)

 

Иако имаше 4 номинации, сепак годинава Тејлор Свифт замина дома со празни раце. Таа настапи со темата „All Too Well“, а како изгледаше сето тоа можете да погледнете во продолжение.

 

За жал не можевме да пронајдеме целосна снимка од извонредниот настап на Пинк, која заедничкиот настап со Нејт Руес го отвори со акробации над публиката изведувајќи го хитот „Try“. Вториот дел од настапот, односно дуетот „Just Give Me a Reason“ можете да го видите во продолжение.

 

Следниот настап го имаше еден од преостанатите два живи поранешни членови на легендарните Битлси (кои годинава добија награда за животно дел0), тапанарот Ринго Стар, кој настапи со темата „Photograph“.

 

 Еден од поинтересните настапи го имаа Имеџин Дрегонс и Кендрик Ламар кои направија одлична фузија од темите „Radioactive“ и „Mad City“. Како изгледаше сето тоа можете да видите во продолжение.

 

По настапот на младата кантри пејачка Кејси Масгрејвс, која собра две Греми награди и чиј настап не можевме да го најдеме на ЈуТјуб, следеше интересниот настап на уште еден познат Битлс и неговиот актуелен хит „Queenie Eye“. Станува збор за Пол Макартни, но за жал не можевме да најдеме квалитетна снимка ни од неговиот настап на кој го придружуваше неговиот колега Ринго Стар. Следниот настап беше резервиран за легендите на кантри музиката – добитникот на наградата за животно дело, Крис Кристоферсон и колегите Вили Нелсон, Мерл Хагард и Блејк Шелтон.

 

Дефинитивно најинтересниот и најочекуваниот настап беше оној на француското електро дуо Дафт Панк, Фарел Вилијамс, Најл Роџерс и рекордерот со најголем број Греми статуетки (25) – Стиви Вондер, кои заеднички го изведоа хитот кој ја одбележа минатата година, „Get Lucky“, со примеси од други хитови на Шик, Вондер и Дафт Панк.

 

Заедно со минатогодишната добитничка на Греми наградата за животно достигнување и овогодишна почесна награда MusiCare личност на годинатаКерол Кинг настапи со кантавторката Сара Барелис, која годинава доби 2 номинации. Двете пејачки направија интересна мешавина од нивните хитови „Beautiful“ и „Brave“.

 

Веднаш по нив имаше уште еден настап за паметење, а тоа беше заедничката изведба на Металика со кинескиот пијанист Ланг Ланг.

 

Уште еден од најинтересните делови од манифестацијата беше настапот на дуото Меклмор и Рајан Луис со Мери Ламберт и Мадона, кои заеднички ја отпеаја песната „Same Love“, а за време на изведбата беа венчани голем број љубовни двојки од различен и ист пол.

Претпоследниот настап беше резервиран за фронтменот на Грин Деј, Били Џо Армстронг и неговата колешка Миранда Ламберт, кои ја изведоа песната „When Will I Be Loved“ во чест на Фил Еверли од Еверли Брадрс, a последни настапија легендите Квинс оф д Стоун Ејџ, Најн Инч Нејлс, Дејв Грол и Линдзи Бакингем, но за жал ниту еден од овие настапи не е прикачен на интернет.

Што се однесува до победниците, дел од листата можете да видите во продолжение.

Најдобар нов уметник – Меклмор и Рајан Луис

Најдобра поп изведба на група или дуо –Get Lucky“ на Дафт Панк, Фарел Вилијамс и Најл Роџерс

Најдобра рок песна – „Cut Me Some Slack“ на Дејв Грол, Пол Макартни, Крист Новоселич и Пет Смир

Најдобра поп соло изведба – Royals“ на Лорд

Најдобра соработка со рап и пеење – „Holy Grail“ на Џеј Зи и Џастин Тимберлејк

Најдобар поп вокален албум„Unorthodox Jukebox“ на Бруно Марс

Најдобар кантри албум – Same Trailer Different Park“ на Кејси Масгрејвс

Песна на годината – „Royals“ на Лорд

Снимка на годината – „Get Lucky“ од Дафт Панк и Фарел Вилијамс

Албум на годината – „Random Access Memories“ на Дафт Панк

 

За останатите категории можете да видите на интернет страната на  Grammy.

 

 

 

 



Врати се горе ↑