За Вас 1521294_10152113748658676_1373526213_n

31 декември, 2014

Уживајте со најдобрите празнични албуми

Навистина нема подобар начин за празниците да се поминат во домашна атмосфера со семејството и пријатели и секако со одлична музика. За уште поубава атмосфера, овој пат Ви издвоивме дел од најдобрите празнични албуми, поголемиот дел од нив снимени во текот на минатиот век, а дел од поновите и актуелни изданија претставени во изминатите неколку години. На самиот почеток го ставаме еден од најпрепознатливите машки вокали од средината на минатиот век, познатиот џез и поп музичар Нет Кинг Кол со неговото издание „The Christmas Song“, од кое секако најпознатата е токму насловната тема.

 

Во средината на минатиот век, синоним за празници беше секако легендарниот Бинг Крозби, чиј албум „White Christmas“ беше првично објавен во 1945 година, но доживеа и бројни реизданија во текот на годините.

 

 

Уште еден легендарен музичар и актер од тој период, кој во 1957 година го објави изданието „A Jolly Christmas“ е познатиот Френк Синатра, а во продолжение можете да уживате со неговата интерпретација на најпознатите класични божиќни песни, а веднаш потоа и заедничкиот албум на Синатра, Дин Мартин и Семи Дејвис Џуниор, изданието насловено „Christmas With The Rat Pack“.

 

Истата таа 1957 година беше претставено и празничното издание „Elvis’ Christmas“, се разбира со песни отпеани од единствениот Крал на рокенрол музиката – Елвис Пресли, а како звучат „Silent Night“, „Blue Christmas“ или „Santa Bring My Baby Back To Me“ можете да слушнете, односно да се потсетите во продолжение.

 

Познатиот американски пејач Енди Вилијамс, кој е најпознат по неговиот хит „It’s The Most Wonderful Time Of The Year“, во 1963 година го издаде својот прв од осумте празнични албуми, а со изданието насловено „The Andy Williams Christmas Album“ можете да уживате во продолжение.

 

Веќе на почетокот од последната деценија на минатиот век, во 1994 година беше претставен првиот празничен албум на Мараја Кери – изданието „Merry Christmas“ на кое се најде и една од најпознатите божиќни песни „All I Want For Christmas Is You“. Второто продолжение на овој албум „Merry Christmas II You“ беше објавено во 2010 година.

 

Од истата година го имаме и празничниот албум на најпознатиот саксофонист и џез музичар Кени Џи, а одличните инструментални верзии од најубавите празнични песни можете да ги слушнете во продолжение.

 

На самиот почеток од XХI век, од 2003 година го извоивме празничниот албум „One Wish: The Holiday Album“ на покојната дива Витни Хјустон, а малку покласична верзија на божиќните песни направија момците од сензацијата „Ил диво“, кои во 2005 година го претставија изданието „The Christmas Collection“.

 

Оригинални и интересни теми се најдоа и на изданието „If On a Winter Night“ кое во 2009 година го престави познатиот британски музичар Стинг, а како звучи тоа можете да слушнете во продолжение.

 

Неколку празнични албуми има објавено и познатиот американски поп и џез пејач Тони Бенет, кој најубавите божиќни песни ги отпеа придружуван од биг бенд, како што и му доликува на еден музичар со толку долг стаж на музичката сцена.

 

Веќе неизбежен дел од празниците е канадскиот музичар Мајкл Бубле, кој веќе 5 години со ред, покрај празничниот албум, актуелен е и со специјалните телевизиски емисии во кои гостуваат многу негови колеги. Во 2011 година Бубле го објави својот празничен албум „Christmas“, а со песните од ова издание можете да уживате во продолжение.

 

Од изданијата претставени во 2013 година ги издвоивме „Wrapped in Red“ од Кели Кларксон и „Christmas, With Love“ од Леона Луис. Веќе имавте можност да ги слушнете најавните синглови од овие изданија, односно темите „Underneath the Tree“ и „One More Sleep“, а комплетниот материјал можете да го слушнете во продолжение.

 

Се надеваме дека Ви се допадна нашиот избор на празнични албуми и дека ќе уживате со најпознатите божиќни песни на сите времиња. Ви благодариме што сте заедно со РадиоМк, Ви ги честитаме новогодишните и божиќните празници и Ви посакуваме сè најдобро!

За крај, една одлична празнична емисија од далечната 1957 година, уживајте со Синатра и Крозби!

 

 



Врати се горе ↑