Македонија

6 октомври, 2018

Утврден редоследот за финалето на „Макфест 2018“

Утврден е редоследот за настапи на вечерашната финална вечер на 33. издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2018“, во чии рамки ќе се натпреваруваат вкупно 20 композиции, односно по десет што беа одбрани на двете полуфинални вечери. На сцената во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип прва ќе ја видиме младата струмичанка Весна Спасова со темата „Песно моја“, а последна нејзината колешка Антонија Гиговска со фаворитот од втората полуфинална вечер „Никогаш не вели никогаш“.

Меѓу финалистите се и едни од најнадежните нови ѕвезди Мина Блажев, Лина Пејовска, Сара Гигова, Барбара и Анастасија, како и веќе докажаните Роберт Билбилов, Александар Тарабунов, Дани Димитровска, Ѓоко Танески, Џокси, Димитар Андоновски и „Тајфата“ и други.

И во оваа финална вечер гласањето ќе се одвива по евровизискиот принцип, односно за судбината на победниците ќе одлучуваат двете жирија и публиката во салата. За првото место предвидена е награда во вредност од 5 илјади евра во денарска противвредност, за второто 4, а за третото 3 илјади евра. Во вредност од по 500 евра се и стручните награди за најдобра изведба, најдобар аранжман, најдобар сценски настап и за најдобар дебитант.

Водителка на манифестацијата и вечерва е Марјана Станојковска, а директниот пренос во живо повторно ќе се емитува на првата програма на МРТ со почеток од 20.30 часот. За време на гласањето, во ревијалниот дел свое шоу ќе има еден од најпопуларните македонски пејачи и автори – Дарио Панковски.



Врати се горе ↑