Настани оф

5 септември, 2017

Утревечер започнува „Охрид фест 2017“

Годинешното издание на меѓународниот музички фестивал „Охрид фест –Охридски трубадури“ ќе биде отворено утревечер, 6 септември, со Фолк вечерта на која премиерно ќе биде исполнета 21 песна. Во текот на трите фестивалски вечери ќе бидат исполнети преку 60 песни кои покрај македонските пејачи ќе ги донесат вокални солисти од балканските земји Грција, Бугарија, Србија, Словенија, Црна Гора, Албанија, Хрватска, како и од Русија.

Во трката за трите награди од публиката, трите награди од жирито, наградите за најдобар сценски настап, аранжман, текст и интрепретација ќе учествуваат песните кои ќе ги претстават Благица Павловска, Петар Нечовски, Ленче и Горан Кукиќ, Нино Величковски, групите „Соната“, „Скопски боеми“, Мартина Валиенте – Бугарија, Жарко Тимотијевиќ – Србија По завршувањето на официјалниот дел, додека се пребројуваат гласовите на публиката и жирито, своја шоу програма ќе имаат членовите на групата „Биоритам“.

Фестивалската сцена годинава се сели од Долни Сарај и таа ќе биде поставена на шеталиштетото, на кејот од Охридското езеро, точно пред хотелот „Нова Ривиера“, во кој ќе бидат сместени сите пејачи и прес центарот. Секоја вечер, по завршувањет на фестивалот на терасата од хотелот ќе се организира забава со најпознатите македонски пејачи и групи.

И годинава фестивалот ќе го пренесуваат повеќе странски телевизии како што се „Балканика“ – Бугарија, „Бел ами“ – Србија, „Коперникус“ – Србија, „Свет плус“ – Србија , „Z1“ – Хрватска, „Хајат“ – Босна и Херцеговина, „Визион плус“ – Албанија, а македонските љубители на музиката новите песни од фестивалот „Охридски трубадури“ ќе можат да ги проследат преку охридската телевизија „Ин“, кабловската телевизија „Инфел“, ТВ Куманово, ТВ Сонце, ТВ Стар,ТВ Плус, ТВ Свет, ТВ МТМ,ТВ ВИС…

Во четврток на програмата се песните од поп вечерта, а во петок (8 септември) ќе се одржи интернационалната вечер во чии рамки во шоу програма ќе настапат Трифун Костовски и популарната пејачка звезда од поранешните југословенски простори – Владо Калембер, некогаш вокален солист на групата „Сребрени крилја“, чии хитови:  „Ана“, „Ја нисам коцкар“, „Вино на уснама“, „Чао аморе“ и „Сузана“ сè уште се пејат.

На програмата ќе се најдат наградените песни од Поп вечерта и 9 мелодии кои ќе ги исполнат пејачи од балканските земји: Грција, Бугарија, Србија, Словенија, Црна Гора, Албанија, Хрватска и онаа од Русија, а со посебно интересирање се очекува песната „Оди си“, која Маја Оџаклиевска ќе ја исполни во дуетот со рускиот пејач Иван Ацуло.

Повеќе информации за програмата на фестивалот на www.ohridskitrubaduri.mk

Фотографија: Фејсбук



Врати се горе ↑