Концерт

20 септември, 2016

Утре на пладне почнува продажбата на билетите за концертот на „Морчиба“ (Скај и Рос)

Утре (среда, 21 септември), точно на пладне почнува продажбата на билетите за концертот на славното дуо Скај и Рос (Морчиба) во Скопје! Билетите ќе чинат 1.000 денари и ќе бидат достапни само во ограничен број (800 билети), а ќе се продаваат преку продажната мрежа на МКтикетс. Овој концерт, кој ќе се одржи на 25 ноември во Младински Културен Центар во Скопје, уште со првото најавување предизвика голем интерес кај македонските фанови на светски популарниот бенд, па сите оние кои сакаат да бидат дел од оваа вечер на „ТАКСИРАТ 18“, ги советуваме да бидат брзи при купувањето на билетите.

ПРОДАЖНИ МЕСТА:

  • Во Скопје: Југотон, Tobacco 2, Tobacco Југодрво, MPM Tobacco (плоштад), Гоги Драчево, Универзална Сала, Нептун Стадион, Нептун City Mall, Нептун Аеродром;
  • Во Охрид: New Tobacco;
  • Во салоните на Нептун низ Македонија: Струмица, Кавадарци, Гевгелија, Велес, Куманово, Гостивар, Струга, Охрид, Кочани и Штип;
  • ОНЛАЈН НА MKTICKETS.MK .

Станува збор за најновиот проект на членовите на светски славниот бенд „Морчиба“, пејачката Скај Едвардс и гитаристот и половина од продуцентското дуо на групата Рос Годфри. Тие заедно со останатите концертни членови на „Морчиба“, басистот Стив Гордон, клавијатуристот Ричард Милнер и тапанарот Џега Мекена-Гордон ќе настапат во Скопје во рамките на големата светска турнеја „Skye and Ross from Morcheeba“. Нивниот концерт во МКЦ ќе ги опфати сите големи хитови и најважни моменти од речиси 20-годишната кариера на „Морчиба“, а кои се стожер на нивната сетлиста, но публиката воедно ќе има прилика да ужива и во песните од новиот албум, објавен на почетокот на септември.

Нивното најново издание се движи во свој посебен правец додека во исто време се враќа на корените и звукот кој „Морчиба“ ги направи светски познат бенд во ’90-тите години. И самиот проект произлегува од одлуката на овие музичари во 2014 година, да направат албум кој би бил поблизок до звукот на нивните настапи во живо, отколку до исполираните студиски снимки. Во тој момент, Пол Годфри, братот на Рос и ко-продуцент на „Морчиба“, веќе целосно беше фокусиран на продуцентската работа, откажувајќи се од концертните настапи.  Но, Скај и Рос не го означува крајот на „Морчиба“, туку повеќе прочистување на звукот, можност за двајцата музичари кои го претставуваа јавното лице на бендот да ја експлоатираат својата музичка поврзаност која се разви помеѓу нив надвор од студиото и токму на сцена, за време на настапите во живо ширум светот.

Инаку, „Морчиба“ е основана кон средината на ’90-тите години во време на големиот пробив на трип хоп музиката на светската сцена. Поради извонредната комбинација на различни музички влијанија, а особено благодарение на посебниот глас на пејачката Скај Едвардс, „Морчиба“ ја стекна наклоноста на публиката уште со првиот албум „Who Can You Trust“. Популарноста на светската сцена пристигна со објавувањето на вториот албум, легендарниот „Big Calm“, кој оствари платинеста продажба ширум светот и од кои произлегоа дел од најголемите хитови на деведесеттите години како Blindfold и The Sea



Врати се горе ↑