15 февруари, 2016

„Уште си ми ти“ – одлична балада од Панче Касапски

Младиот штипјанец Панче Касапски ја претстави својата нова песна насловена „Уште си ми ти“, на која се потпишува и како автор на музиката и текстот, а аранжманот и продукцијата се дело на колегата Иле Спасев, кој заедно со Панче ги отпеа и придружните вокали, додека за екранизацијата се погрижи продукцијата „Фабрика“.

„’Уште си ми ти’ е моја прва кант-авторска песна во која вложив многу љубов, труд и енергија. Се надевам дека ќе уживате во неа како што уживав јас додека ја правев“, вели Касапски за новата песна, а како звучи и изгледа сето тоа можете да погледнете горе.

Инаку, талентираниот кант-автор за македонската јавност е познат по своите учества на фестивалот „Макфест“, каде што има освоено повеќе награди и како автор и како изведувач. Тој се потпиша на музиката и текстот на победичката тема од 2011 година, „Ангели и демони“ во изведба на Зоран Илиев, во 2013 година ја освои наградата за Најдобар дебитант со песната „Боли“, а минатата 2015 година, заедно со колегата Илија Кикиритков ја добија втората награда за хитот „Кој што ме чуе да пеам“.

И.Ј.

 



Врати се горе ↑