Настани bond

24 јули, 2013

Уште мал број влезници за БОНД!

На 27-ми јули, во рамки на 53-тото издание на Охридско Лето нѐ очекува ексклузивниот концерт на најсензационалниот светски гудачки квартет БОНД (BOND), кој ќе се одржи во Античкиот Театар во Охрид! Претставен од четири атрактивни и исклучително талентирани девојки, БОНД e најпродаваниот гудачкиот квартет во историјата на музичката индустрија, кој за прв пат доаѓа пред македонската публика и тоа во рамките на прославата на 10 години од нивното постоење. Огромниот интерес кој овој концерт го предизвика кај публиката покажа дека БОНД имаат голем број фанови и кај нас, кои концечно ќе имаат задоволство да бидат дел од нивното спектакуларно шоу. Сите оние пак, кои сѐ уште не ги набавиле своите влезници, ги советуваме тоа да го сторат што поскоро, бидејќи останати се само уште мал број влезници за концертот на 27-ми јули.

Познати и како Спајс Грлс на класичната музика, БОНД зад себе имаат неверојатни 56 платински и 15 златни тиражи, 5 милиони распродадени албуми, огромен број изданија и работа на музика за холивудски филмови и настапи во над 70 држави. Огромен успех во многу земји ширум светот постигнаа и со последниот албум „Play“ во 2011 година. Групата чиј успех е препознаен насекаде во светот, својата инспирацијата ја црпи од класичната, латино, џез, фолк, рок, поп, електро музиката. Минатата година Бонд имаа спектакуларен настап со Расел Бренд на церемонијата на затворањето на Олимписките игри во Лондон.

Покрај БОНД, како дел од манифестацијата Охридско лето, на почетокот на месец август закажани се уште два подеднакво ексклузивни концерти, претставени од хорската атракција ВИВА ВОКС иансамблот на виртуозниот виолинист РОБИ ЛАКАТОШ, за кои пак, оние кои сакаат да го осигураат своето присуство ќе треба исто така што поскоро да ги набават своите влезници.

Вива Вокс (Viva Vox), е хорски феномен кој доаѓа од Белград и молскавично го освои светот со неверојатните гласови кои експериментираат со различни музички жанрови! Нивниот концерт, насловен Voice vs The Machine, ќе биде и нивна прва средба со македонската публика. Нивниот карактеристичен и глобално препознатлив звук, претставува „а капела“ интерпретација, во придружба на битбокс, на музиката од светските ѕвезди Елтон Џон, „Рамштајн“, „Продиџи“, „Ред Хот Чили Пеперс“,„ АББА“, „Квин“, „Рејџ агенст д машин“, „Нирвана“, „Систем оф а даун“…, водени од начелото дека не постои звук кој не е можно вокално да се репродуцира. Станува збор за хор со извонредна концертна моќ, кој предизвикува огромен интерес за нивните настапи како во престижните концертни сали, така и на сцените на големите музички фестивали. Хорот кој ги поместува границите на невозможното кога е во прашање човечкиот глас, на 2-ри август ќе одржи концерт во Античкиот Театар во Охрид, каде ќе имаме можност да уживаме во несопирлива енергија и ентузијазам, кои Вива Вокс ги вложуваат на секој настап. За концертот во Охрид, тие подготвуваат посебен настап и со нетрпение ја очекуваат првата средба со македонската публика, а помеѓу подготовки одвоија време и да испратат посебен поздрав по овој повод, кој можете да го погледнете во продолжение.

На 4-ти август, пак, во Античкиот театар во Охрид доаѓа и исклучителниот унгарски виолинист и уметник РОБИ ЛАКАТОШ, со концерт кој ќе биде ретка прилика македонската публика да ужива во виртуозната убавина на „ѓаволскиот виолинист“. Роби Лакатош (Roby Lakatos) на извонреден начин го прикажува спојот на класичната музика со џез додатоци и изворен мелос. Виртуоз со извонредна стилска разноликост, Лакатош – познат и како “ѓаволскиот виолинист”, е редок музичар кој и пркоси на музичката дефиниција. Роден во легендарното семејство кое потекнува од Јанош Бихари, “Кралот на ромските виолинисти”, неговото музицирање еволуираше во рамките на семејство, но и на Бела Барток конзерваториумот во Будимпешта, каде што ја освои првата награда за класична виолина во 1984 година. Тој има соработувано со легендарните Вадим Репин и Стефан Грапели, а неговото виртуозно свирење го восхити и американскиот виолинист Сер Јехуди Менјухин.

Влезниците за овие концерти се достапни во повеќе категории, во зависност од распоредот на седење во Античкиот Театар во Охрид:

• BOND:  800, 1000 и 1200 денари,

• VIVA VOX: 600, 700 и 800 денари,

• ROBY LAKATOS: 600, 700 и 800 денари.

Продажбата на влезниците се спроведува во продажната мрежа на МКтикетс, а истите можете да ги резевирате во Југотон (Скопје, ГТЦ, прв кат) на тел.бр.: (02) 3239860. Сите дополнителни информации за влезниците можете да ги најдете на овој линк.



Врати се горе ↑