Македонија zlatnmara-buba-plakat-01

20 февруари, 2014

Уште една одлична „Златна Бубамара на популарноста“

Синоќа во преполната Универзална сала по 17-ти пат се одржа манифестацијата „Златна Бубамара на популарноста“. Уште една одлична вечер исполнета со хумор, музика и забава, настан за кој како и секогаш се бара влезница повеќе. Актерот и водител Сашко Коцев повторно ја насмеа публиката до солзи, а најголемо внимание секако привлече настапот на нашиот претставник на регионалниот X Factor, Даниел Кајмакоски кој беше прогласен за Откритие на годината и ја отпеа песната „Red“ со која настапи и на првата аудиција за натпреварот, додека X Factor е прогласен за Најпопуларен балкански музички проект.

Фотографија: Влатко Перковски (Телеграф.мк)

Наградата Трајни музички вредности заслужено отиде во рацете на Драган Каранфиловски – Бојс, Најперспективна пејачка е Сара Мејс, за Албум на годината е прогласен „Гласот на виолината“ од Зоран Џорлев, а најдобриот концерт го одржа Игор Џамбазов во СЦ „Борис Трајковски“. Хит на годината е „Ми треба љубов“ од Бени Шаќири, а битолската група Мадригали доби награда за 40 години постоење и дејствување.

Музичкиот дел беше исполнет и со настапите на хрватската дива Северина Вучковиќ, која ги доби наградите Балканска пејачка, Балкански албум и концерт, а на сцената ја придружуваше нашиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски, потоа добитникот на наградата за Најдобар музички спот за „Под контрола“ Тони Зен, Македонската пејачка на годинатаТамара Тодевска, Бубо Каров и други. Фотографии од синоќешната манифестација можете да погледнете во галеријата на  Телеграф. За сите кои не успеале да присуствуваат на 17-тата „Златна Бубамара на популарноста“, снимката ќе се емитува во сабота, 22-ри февруари, со почеток 20 часот на Канал 5 телевизија.

 



Врати се горе ↑