11 декември, 2014

Уште една одлична соработка на Петар Маркоски и Горан Папаз

По летниот хит „Еден живот“, Петар Маркоски и Горан Папаз неодамна ја претставија својата нова соработка, но овој пат одлучија тоа да биде преработка на добро познатиот џез хит „Dream A Little Dream Of Me“. Темата потпишана од Фабијан Андре и Вилбур Швандт со текст на Гас Кан, во 1931 година прв ја сними Ози Нелсон, малку подоцна и Вејн Кинг со неговиот оркестар и Ерни Бирчил, а во текот на годините доби преку шеесет верзии од изведувачи како што се Ела Фицџералд, Луис Армстронг, Дорис Деј, Нет Кинг Кол, Дин Мартин, Бинг Крозби, во поново време Мајкл Бубле и Роби Вилијамс, но сепак најпозната е верзијата на Мама Кас Елиот од 1968 година.

Во „македонската“ верзија, покрај Маркоски и Папаз учествуваат и Емилија Маринова (вокал и пијано), Илија Волкан (бас гитара) и Филип Стојковски (тапани), за аудио и видео записот се погрижи Даниел Јовески, а посебна благодарност му изразуваат на Вулнет Ибраими за неговата студиска опрема. Видео записот е снимен во клубот „Версус“ во Струга, а како изгледа и звучи сето тоа можете да видите горе. Уживајте!



Врати се горе ↑