Свет

30 мај, 2018

Уште еден џез-албум од Лејди Гага и Тони Бенет?

Откако пред четири години го објавија заедничкиот албум „Cheek to Cheek“, кој се закити и со Греми за најдобар традиционален поп-вокален албум, се чини дека Лејди Гага и Тони Бенет подготвуваат нов материјал. Имено, како што пренесуваат американските медиуми, ѕвездите биле забележани како пристигнуваат во студиото „Електрик лејди“ во Њујорк, па веќе започнаа шпекулациите дали во подготовка е сосема нов материјал или уште една серија на преработки на џез-стандарди.

Lady Gaga

Секако дека ова е само една во низата активности на кои популарната пејачка и актерка работи годинава, а особено зафатена ќе биде последните неколку месеци, кога ќе го промовира претстојниот римејк на филмот „Ѕвездата е родена“. Во оваа четврта филмска адаптација на познатиот мјузикл, чија премиера е закажана за октомври, Гага ја игра главната улога заедно со холивудскиот актер Бредли Купер.

Во меѓувреме, таа работи и на нов поп-материјал што ќе го наследи изданието „Joanne“ од 2016 година, а веќе се шпекулира дека во план е и дует со колешката Кејти Пери. На самиот крај од годината, во декември ќе започне и нејзината резиденција во Лас Вегас.



Врати се горе ↑