Свет

22 февруари, 2019

Уште две жени го обвинија Ар Кели за сексуална злоупотреба

Уште две жени го обвинија ар-ен-би музичарот Ар Кели за сексуална злоупотреба, која се случила кога Латрис (Latrice) и Рошел (Rochelle) имале 16 и 15 години. На прес-конференцијата што ја одржаа вчера, двете жени изјавија дека настанот се случил во 1995 година кога присуствувале на негов концерт во Балтимор.

Имено, веднаш по завршувањето на концертот тие биле поканети на приватна забава во хотелската соба на Кели, каде што им биле дадени дрога и алкохол, а член на тимот на музичарот им рекол да се соблечат пред да пристигне Кели. Латрис рекла и дека кога пејачот влегол во собата, „неговиот пенис бил изваден од панталоните“ и побарал од нив да имаат секс во тројка. Рошел одбила и отишла во бањата, а Кели побарал од Латрис да изведе орален секс пред да имаат однос. Таа додала дека и дека „не била во состојба да даде согласност“, бидејќи била под дејство на дрога и алкохол.

Нивната адвокатка Глорија Олред (Gloria Allred) му се обратила на Кели за време на конференцијата, велејќи му: „Немаш каде да бегаш, немаш каде да се криеш. Твоето предаторско однесување веќе предолго поминуваше неказнето, а единствените што ја платија цената беа младите жени што ти беа жртви. Сега сето тоа се промени. Твоите жртви те опколија и бараат правда. Тие се подготвени да се соочат со стравот и да не ти дозволат да се извлечеш. Време е да се соочиш со последиците од тоа што си го направил во нашиот правен систем!“.

Кели сè уште нема одговорено на новите обвиненија, а веќе ги демантирал сите претходни, особено оние што беа дел од контроверзниот документарец „Преживувајќи го Ар Кели“. Минатиот месец, неговиот адвокат Стив Гринберг изјавил дека „сите обвиненија се невистинити бидејќи Кели никогаш немал секс со малолетничка без да биде свесен за нејзината возраст“.

Адвокатот Мајкл Авенати (Michael Avenatti), пак, деновиве изјави дека имаат доказ дека постои уште една снимка во која може да се види сексуална злоупотреба на малолетничка од страна на Кели. „Ни беше дадено до знаење дека постои трета касета и во моментов работиме на нејзино набавување и предавање на властите“, открил тој.

Во екот на бројните обвиненија против Кели, повеќе колеги со кои соработувал ги повлекоа своите дуети од сервисите за продажба и слушање музика, меѓу кои Лејди Гага и Селин Дион. Неодамна излезе и видео во кое пејачот јасно вели дека е свесен за возраста на тогаш 14-годишната ѕвезда во подем Алија, со која незаконски стапи во брак кога имала само 15 години.

Извор: NME



Врати се горе ↑