За Вас jelen-demofest08

19 март, 2015

Уште десетина дена до затворањето на конкурсот за „Јелен демофест“

Уште само десетина дена останаа до крајот на конкурсот за пријавување на натпреварувачки демо бендови за „Демофест“, кој годинава по 8. пат ќе се одржи во Бања Лука, БиХ. На конкурсот, кој ќе биде затворен на 1 април, сè уште пристигнуваат пријави од просторот на цела поранешна Југославија, а Бранкица Стојановиќ, портпарол на фестивалот, истакнува дека врз основа на поранешни искуства најголемиот број пријави се очекуваат токму во деновите кои следат. Исто така, додава дека како и секогаш најголемиот број пристигнуваат од Србија и Хрватска.

„Ова секако дека не мора да значи ништо, што покажа и изборот на минатогодишните победници, меѓу кои според одлуката на жирито се најдоа и два бенда од Словенија и еден од БиХ“, нагласи Стојановиќ, потсетувајќи и на наградите на „Демофест“ и повикувајќи ги сите демо состави од регионот да ја искористат можноста која им ја дава фестивалот.

„Наградниот фонд изнесува 10.000 евра, а во тоа спаѓаат и снимање на албуми, снимање видео записи во продукција на ’Ем-ти-ви’, сценска опрема и промоција. На бендовите кои ќе настапуваат во Бања Лука ќе им бидат платени трошоците за сместување, ќе имаат свои домаќини, храна и сместување во најдобриот хотел, а ќе свират пред околу 5.000 луѓе. Мислам дека овие се сосема доволни причини за пријавување“, додаде таа.

Доколку сè уште не сте се пријавиле, тоа можете да го направите преку официјалната веб страна на фестивалот www.demofest.org, а за деталите можете да се потсетите овде. Основниот услов кој сите пријавени мораат да го исполнуваат е да немаат објавено свој материјал преку некоја од легитимните издавачки куќи, а непотполните пријави организаторите нема да ги земат предвид.

„Како што сите веќе добро знаат, по завршувањето на конкурсот на ред доаѓа стручното жири, кое ќе одбере 30 бендови кои ќе настапуваат на една од двете квалификациски вечери. Потоа, десет или повеќе бендови во финалето ќе се борат за престижните награди на фестивалот“, истакна Стојановиќ.

„Хулахуп“ (Hulahoop)

„Демофест“ е единствена можност за да се слушне гласот и звукот на сите демо бендови, а за голем дел од натпреварувачите отскочна штица бил токму овој фестивал. Меѓу нив се наоѓа и составот „М.О.Р.Т“, кој во моментов е во мисија за покорување на Балканот, а по нивните стапки се движат и минатогодишните победници Хулахуп од Словенија, кои неуморно работат на своето првенче, чие снимање го добија како награда за освоеното прво место.

„Хулахуп“ се во фаза на избор на песна, за која ќе се сними видео запис во продукција на „Ем-ти-ви“, што исто така е дел од наградата. Нивниот деби албум публиката ќе има можност да го чуе на претстојниот, осми по ред „Јелен демофест“, кој ќе се одржи во втората половина на јули.

 



Врати се горе ↑