Концерт 1208748_557194004339235_807460630_n

17 септември, 2013

Уште 3 дена до концертот на Ману Чао

Единаесет години по еден од најдобрите концерти кои некогаш се одржале кај нас, легендарниот музички револуционер Ману Чао се враќа на истата локација, Скопското лизгалиште, каде на 21-ви септември ќе ја има третата средба со македонската публика со која негува посебна љубов и поврзаност.

По спектакуларниот почеток на турнејата во Будимпешта со концерт пред повеќе од 10.000 посетители, и распродадените концерти во Љубљана, Загреб, Белград и Софија, конечно пред нас е и концертот во Скопје, за кој сè укажува дека на Скопското лизгалиште нè очекува уште еден музички спектакл како финале на оваа балканска турнеја. Ова очекување дополнително го потврдува и фактот дека останати се уште мал број влезници за концертот во Скопје, кој предизвика интерес и кај публиката од соседните земји.

Бескомпромисниот уметник, пејач и гитарист, во придружба на гитаристот Маџид Фахем, Филип Тебул на тапани и Гамбит на бас гитара, на публиката и најавува концерт кој ќе трае повеќе од два часа! Ману Чао со составот Ла Вентура, планира да ги развесели своите фанови со неверојатната и единствена мешавина на музички стилови, од рок и панк, предку ска до реге музика. Покрај легендарните хитови „Bongo Bong“, „La Vida Tombola“, „Me Gustas Tu“, „Mala Vida“, „Clandestino“ и останатите, Ману Чао на овој концерт ќе изведе и песни кои до сега не се објавени.

Пред концертот на Ману Чао Ла Вентура, на 21-ви септември публиката ќе има можност да ужива и во енергичните настапи на два одлични бендови, најперспективниот македонски даб/реге/хардкор бенд Конкеринг Лајон и балкан-џипси панк составот Баилдса, кои по овој повод подготвија и видео поздрав, најавувајќи го својот настап преку обработка на еден од хитовите на Ману Чао, песната „Mr Bobby“. Видеата можете да ги погледнете во продолжение.

Преостанатите билети за овој концерт се достапни во претпродажба по цена од 600 денари, која ќе важи сè до денот на концертот кога картите ќе се продаваат по полната цена од 750 денари. Влезниците можете да ги набавите преку продажната мрежа на МКтикетс:

• Продажните салони на ONE (Скопје – Ramstore, ТЦ Бисер, ГТЦ, ВЕРО Центар, Skopje City Mall; Куманово, Тетово, Гостивар, Битола 01, Охрид, Струга, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Штип, Велес, Кочани, Струмица, Гевгелија); продажните салони на Office Plus.

• Скопје: Југотон (ГТЦ, прв кат), Кафе Браво, Кафе Круг – Аеродром, Цвеќара Розе, Камарад

• Низ Македонија: ZZ Top – Охрид, Hard Rock – Битола, Комисион Шишко – Кочани;

• Онлајн на следниот линк.

Побарувачката на влезниците за овој концерт е голема, а продажбата се одвива со брзо темпо уште од самиот старт. Неколку дена пред концертот, останати се уште мал број влезници, поради што ги советуваме сите оние кои не сакаат да го пропуштат концертот за паметење, на време да го осигураат своето присуство.

Среќата повторно се враќа на Балканот, а кај нас на 21-ви септември!



Врати се горе ↑