Аудио Sarah mace 4

24 април, 2013

„Убав сон“: Сара Мејс и Трајко Симоновски со последен поздрав за Тоше

Басистот на Тоше Проески, Трајко Симоновски – Таци напиша песна за него во која како последен поздрав му посака „Убав сон“. Песната е напишана во јануари 2008 година, неколку месеци по смртта на Тоше  и е комплетно дело на Таци, кој воедно е и продуцент, а како гостин – пејач, се јавува ексклузивката на Горила продукција, Сара Мејс.

„Не сакав да направам класична – main streаm поп песна, а искрена песна која ќе ги опише комплицираните емоции насобрани во мене кога се случи тоа што се случи.“ – изјавува Таци.

Тој за Сара кажува дека е толку многу полна со музика и искрени емоции, што веднаш почувствувал дека нејзиниот вокал е вистинската допирна точка со визијата за  точно замислениот звук на „Убав сон“. Песната поминала низ неколку верзии додека да ја добие конечната форма. Првобитно идејата била таа да биде снимена од бендот на Тоше, но истата била набргу отфрлена.

Па така Мартин Вучиќ ги снима тапаните, Сашко Николковски – Сале (клавијатуристот од бендот на Тоше) ги отсвирува клавијатурите, придружни вокали пее Нина Јанева, а мастерингот е на Валентино Скендеровски.

За соработката со Таци, Сара Мејс изјавува: „Бев 17 годишна клинка, снимавме со Таци  неколку песни, одев кај него во студио редовно и бев пресреќна зошто учев многу работи од него… „Убав сон“ е едно пределикатно нешто. Приказна, која ми претставува чест да ја раскажам“

 

Воедно, талентираната Сара не престанува да освојува награди и да нè претставува овој пат во светски рамки. Пред неколку месеци беше прогласена за странски студент на годината на Р. Бугарија за 2012 година, а пред неколку дена освои Втора награда на Меѓународниот натпревар по композиција „Млади виртуози“, оддржан во Софија, Бугарија, со композицијата за соло виолина „Тriple confession“, каде што ги остави Јужна Кореја и  Франција позади себе, на трето и четврто место! Во музичката трка учествуваа претставници од 15 држави како Јапонија, Тајван, Шпанија, Германија, Русија, Србија, Чешка, Молдавија, Полска, САД, Бугарија, Јужна Кореја, Франција, Романија и Македонија.

Сара учи композиција во класата на проф. Драгостинов, харфа и поп и џез пеење (во класите на проф. Христова и Тодорова). Во трите специјалнсти е подеднакво успешна, а нејзината следна пројава е концерт на 5 харфи, посветен на големиот композитор, харфист и педагог Алфонс Хазелманс. Концертот носи наслов „Харфата извор на инспирација II“, проект на светски докажаната харфистка Сузана Клинчарова (професорка на музичката академија во Париз) и е дел од фестивалот Софијски музички седмици. Концертот ќе се случи на 15-ти април во театарот „Иван Вазов“– Софија, каде што и премиерно ќе биде изведено делото за 5 харфи на Сара Мејс (Сара Костадиновска) – „Ghnasdomniah“, посветено на нејзините учители.



Врати се горе ↑