Аудио u2

21 октомври, 2013

U2 објавија нова песна после три години

Култниот ирски рок бенд U2 ја објави својата прва авторска песна после три години. Станува збор за синглот „Ordinary Love“ кој се најде во трејлерот за биографскиот филм чија централна фигура е Нелсон Мандела, јужноафриканскиот анти-апартхејд револуционер и познат борец за мир и човекови права. Во ова филмско остварување со наслов „Mandela: Long Walk to Freedom“, главната улога ја игра Идрис Елба, познат по улогата на Стрингер Бел од серијата „The Wire“. Како звучи новиот сингл можете да слушнете од филмскиот трејлер во продолжение.

 

Во неодамнешното интервју, басистот на бендот Адам Клејтон за ирската радио станица „98ФМ“ откри дека бендот се наоѓа на околу месец дена до завршувањето на нивниот нов студиски албум кој ќе има 12 песни кој би требало да биде готов до крајот на ноември. Тоа ќе биде тринаесетти студиски албум за оваа група, кој ќе го наследи „Line on the Horizon“ од 2009 година.

Бендот U2 е еден од најпродаваните бендови на сите времиња, со остварена продажба на албуми од преку 150 милиони примероци ширум светот. Имаат освоено 22 Греми награди, што е повеќе од кој било друг бенд воопшто, а во 2005 година беа примени во Rock and Roll Hall of Fame, и тоа првата година кога го стекнаа условот за прием (25 години од објавувањето на првиот сингл или албум). Магазинот Ролинг Стоун ги постави на 22-рата позиција од својата листа на „100 најдобри артисти на сите времиња“.

 



Врати се горе ↑