Свет baauer

12 март, 2013

Тужба против авторот на хитот „Харлем Шејк“

Њујорк Тајмс известува дека регетон изведувачот Ектор Делгадо (Hector Delgado) и раперот Џејсон Масон (Jayson Musson) планираат да го тужат авторот на песната „Харлем Шејк“ – продуцентот Бауер, поради недозволено користење на семплови во хитот, кој веќе трета недела е на првото место на Билбордовата Hot 100 листа на синглови.

Во песната се слуша стихот „Con los terroristas“ од песната „Maldades“, која Делгадо ја снимил во Порторико во 2006 година, додека рефренот „Do the Harlem Shake“ доаѓа од песната „Miller Time“, во изведба на рап групата Пластик Литл (Plastic Little) од Филаделфија во која учествувал Масон. Делгадо денес работи како евангелистички свештеник во Порторико, додека Масон настапува под името Хенеси Јангмен (Hennesy Youngman) во Њујорк. Двајцата бараат оштета од издавачката куќа Mad Decent, која ја објавила песната минатото лето. Во меѓувреме, „Харлем Шејк“ предизвика лудило на сервисот ЈуТјуб, на кој секојдневно се појавуваат сè повеќе верзии на танцот од оригиналниот видео запис.

Бауер, што е псевдоним на њујоршкиот продуцент Хари Бауер Родригес, не ја коментирал најавата за тужба.

Извор: RollingStone.com/MTV

 



Врати се горе ↑