Настани 451e3362-03f2-4c78-98ca-39e27be7e11d

24 ноември, 2015

„Ту челос“ со втор концерт на главната вечер на „Таксират“!

Поради огромниот интерес кај нас, но и во соседните земји, кој не стивнува ниту по веќе распродадениот концерт најавен во рамките на офф-програмата на „ТАКСИРАТ“, светската атракција „Ту челос“ (2CELLOS) официјално го потврди и својот втор концерт во Скопје и тоа како специјален гостин на главната вечер на фестивалот „ТАКСИРАТ! На радост на армијата фанови кои не успеаја на време да го резервираа своето место за солистичкиот концерт, маестралните „Ту челос“ и покрај неверојатно исполнетиот распоред, на 7 декември доаѓаат во арената „Метрополис“. Нивната вуртозност е исклучително атрактивна на концертите, како во престижните концертни арени, така и на најголемите музички фестивали ширум светот, а со настапот и на главната вечер на „ТАКСИРАТ“, македонската публика ќе има ретка можност да ги доживее двата извонредни перформанси на „Ту челос“,  солистичкиот во рамки на офф-програмата и фестивалскиот сет на главната бина на „ТАКСИРАТ“.

 

Супергрупата од двајца, „Ту челос“ на Лука Шулиќ и Стјепан Хаузер, познати како Хрватите кои го освоија целиот свет, со секој свој настап гарантира незаборавно доживување и за оние со најпрефинет музички вкус. Националните хрватски и меѓународни награди на Лука и Стјепан не се бројат, а нивната виртуозност со воодушевување е прифатена секаде во светот. Речиси и да не постои престижна концертна сала во светот каде момците не измамиле громогласни аплаузи. Од Нов Зеланд до Америка, „Ту челос“ се прифатени со восхит и неверување во нивниот музичко сценски капацитет и особено се познати по огнената енергија и неизмерната љубов кон музиката која не можат да ја сокријат на сцена. Опуштени и секогаш подготвени да ја доведат публиката во еуфорија.Повод за концертите во Скопје е и нивниот нов, трет студиски албум – „Celloverse“, кој го објавија годинава и на кој покрај преработките на светските хитови во препознатливиот стил, Лука и Стјепан додадоа и авторски материјал.

Ако сакате да видите нешто навистина неверојатно, гледајте ги 2CELLOS во живо. Зачудувачки е! Не сум видел ништо повозбудливо од времето кога во ’60-те го гледав Џими Хендрикс“, вели Сер Елтон Џон за „Ту челос“.

Со приклучувањето на „Ту челос“ во фестивалското финале на „ТАКСИРАТ 2015“, програмата за 7 декември е комплетирана, а покрај нив на големата сцена во арената „Метрополис“ ќе имаме чест да ги пречекаме авангардните индустријал легенди од Словенија ЛАЈБАХ, шведската метал атракција САБАТОН“, еден од најактивните и најжестоките каталонски бендови „ЛА ПЕГАТИНА“, култниот македонски хип хоп состав С.А.Ф.“ со Тони Китановски и „Литл биг бенд“ и затворањето на фестивалот со диџеј составот на извонредната лондонска дабстеп група МОДСТЕП“!

Оваа вечер, македонската публика за првпат ќе има пригода да ги чуе во живо „Сабатон“, „Ла пегатина“ и „Модстеп“, актуелните групи кои ја освоија светската сцена токму со своите извонредни настапи. Култните „Лајбах“ доаѓаат претставувајќи го својот нов студиски албум „Spectre“ кој се појави по пауза од речиси 8 години и токму со концертот на „ТАКСИРАТ“ ја започнуваат големата турнеја за овој албум – „Sound of Music 2016“. Македонските претставници пак, хип-хоп легендата „С.А.Ф.“ на „ТАКСИРАТ“ доаѓа во полн состав и за прв пат ќе го изведе култниот албум „Сафизам“ во придружба на бенд, и тоа„Литл биг бенд“ на реномирниот џез мајстор ТОНИ КИТАНОВСКИ.

„ТАКСИРАТ“ е посебен феномен во музичката приказна на Скопје. Сромен и раскошен дел кој илјадници луѓе од Македонија и целиот регион, веќе 17 години го чуваат како скришно место во градот и секој декември го претвораат во свој музички епицентар. Годинава, со шестте најавени концерти, а секој од нив со своја посебност, повторно се собираме заедно во нов музички марш на 17. „ТАКСИРАТ“ едиција! Твое време е! На 7 декември, во арена „Метрополис“! Преврти го Скопје наопаку!

РАСПРОДАДЕНИ СЕ ПРОМО-БИЛЕТИТЕ ЗА „ТАКСИРАТ 2015“!

Првиот контингент влезници за главната вечер на „ТАКСИРАТ“, кои се продаваа во рамките на промо-акцијата со цена од 499 денари е целосно распродаден! Од денес (вторник, 24 ноември) започнува продажбата на билетите со првата цена во претпродажба: 699 денари која ќе важи само до 1 декември!

По овој датум билетите во претпродажба ќе чинат 899 денари, сѐ до 7 декември, кога на билетарницата пред арената „Метрополис“ ќе важи полната цена: 999 денари. Покрај регуларните влезници, за главната вечер на „ТАКСИРАТ“ достапни се и ВИП влезниците кои чинат 2.000 денари.

Доколку сѐ уште не сте го купиле својот билет, ве советуваме да го сторите тоа што поскоро, преку продажната мрежа на МКтикетс или онлајн на овој линк.



Врати се горе ↑