13 јануари, 2017

„Ту челос“ го најавуваат новиот албум со „Game of Thrones“

Популарното хрватско дуо „Ту челос“ на 17 март годинава ќе го објави својот нов, четврт по ред студиски албум што ќе го носи насловот „Score“. Како што кажува и самиот наслов, станува збор за збирка преработки на теми од најпознатите телевизиски и филмски хитови, отсвирени во придружба на Лондонскиот симфониски оркестар и под диригентската палка на Робин Смит.

„Ја сакаме филмската музика. Овој албум ќе претстави дел од нашите омилени филмски теми од нашите омилени филмски композитори. Можноста да се аранжираат за виолончело работејќи со светски познатиот Лондонски симфониски оркестар е остварување на нашите соништа“, велат момците.

16002817_1393254007393196_6914306687716715430_n

Како прв сингл од претстојното издание денеска стигна насловната тема од култната серија „Игра на тронови“, која делумно се снимаше токму во родната Хрватска, каде што момците ја снимија и нејзината екранизација, а како изгледа и звучи сето тоа можете да погледнете горе.

На албумот „Score“ ќе се најдат и теми од филмовите „Титаник“, „Огнени кочии“, „Храбро срце“, „Господар на прстените“, „Гладијатор“, „Појадок кај Тифани“, „Малена“, „Кум“, „Љубовна приказна“ и други.

И.Ј.



Врати се горе ↑