Македонија Simon_Trpceski

30 октомври, 2012

Трпчески ја донесе Македонија како „музичка дестинација“ во „Би-би-си мјузик“

Нашиот талентиран пијанист Симон Трпчески ја донесе Македонија на страниците на ноемврискиот број на најпродаваното светско списание специјализирано за класична музика „Би-би-си мјузик“, кое на насловната објави „Македонска магија: Го посетивме балканскиот град Скопје“.

Во рамките на својот циклус „Музички дестинации“ и инспирирана од нашиот пијано-виртуоз Трпчески, новинарката на британското музичко списание Џесика Дахен беше во Скопје или, како што го нарекува во насловот на нејзниот текст, „древното срце на Балканот“.

Во поднасловот таа појаснува дека на посетата на македонската престолнина ја поттикнал пијанистот Трпчески, во кој препознава значаен фактор за создавањето возбудлива класична музика.

Македонија, поранешен дел од Југославија, е најпозната како родно место на Александар Велики. Но позната е и по сеќавањето на страдањата по разурнувачкиот земјотрес во 1963 година… Во Македонија,… колку повеќе загребувате под површината, толку повеќе наоѓате, во секоја смисла. Нејзината душа останала неоштетена, историски, во атмосферата, фасцинирачки – а нејзините дострели во класичната музика секоја година стануваат сè повозбудливи. Ова пред сè, се должи на влијанието на еден од главните поттикнувачи: пијанистот Симон Трпчески кој веќе на 33 годишна возраст стана главен културен амбасадор. За една деценија тој ја оствари својата мисија да ја постави Македонија на културната мапа и во соработка со својот менаџмент во Лондон и локалната организациска поддршка на КултурОп, изгради повисоки стандарди на изведба и организација“, открива Дахен.

Таа ги набележува проектот за набавка на концертното пијано „Станвеј“, како и значајните гостувања на Оркестарот на Бољшој во 2009 година и на Лондонскиот Симфониски Оркестар предводен од маестро Владимир Јуровски една година подоцна и извонредната атмосфера во аудиториумот за време на двата концерта.

Дахен се задржува и на изградбата на новата концертна сала за Македонската филхармонија, но и на македонското музичко творештво инспирирано од нашиот фолклор, пред се, низ призмата на дела (од Глишиќ, Шахов или Имери) посветени на Трпчески. Охрид, особено со Плаошник, Амфитеатарот и црквата „Света Софија“, потоа црквата „Свети Пантелејмон“ во Скопје, Старата чаршија, тврдината Кале, мозаиците на Хераклеја, Стибера, Скупи и Стоби, опсерваторијата Кокино, Струга,… се исто така дестинации кои ги препорачува новинарката на престижното списание.

Во посебни делови, Дахен пишува за Трпчески како за посветен локален херој кој не ги заборава своите корени, а меѓу музичките манифестации кои и ги препорачува на читателската публика ширум светот се и фестивалите „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Скопскиот џез фестивал“, концертите на Македонската филхармонија…

– Македонците сакаат добра, свежа локална храна и вино, со оглед на изобилството винови насади. И не е претерување да се каже дека чувството на добредојденост во Скопје е меѓу најтоплите што воопшто сум ги скусила, дури и во студениот декември, Дахен го завршува својот текст посветен на Скопје, Македонија.



Врати се горе ↑