Македонија

15 јуни, 2018

Тропски вибрации во новиот сингл на Симеон Коруноски

Уште од првата аудиција за македонскиот мјузикл „Тајно моја“, македонската публика сфати дека допрва ќе слуша за младиот Симеон Коруноски, кој полека си го наоѓа своето место во новата генерација на млади музички надежи. 17-годишниот кичевчанец во моментов е актуелен со одличната соработка со битолскиот диџеј Кортекс за темата „Don’t You Know“, а наскоро ќе имаме можност да го слушнеме и неговиот прв авторски сингл.

Something new coming soon

A post shared by Симеон Коруноски (@korunoskisimeon) on

„Имајќи ги предвид сите тие настапи (во мјузиклот) и што навлегов во тој музички свет, почнав и самиот да пишувам и компонирам… Сега подготвувам и нова песна, текстот е мој, музиката и мелодијата е моја и на Иле Спасев, тој е продуцентот, а деновиве ќе снимам и спот со продукцијата ’Мелем’“, откри Коруноски за време на неодамнешното гостување во емисијата „Македонија денес“ на телевизија „24“, додавајќи дека промоцијата е планирана за крајот на месецов.

За дополнително да ја загрее атмосферата, познатиот композитор и автор на бројни македонски хитови, Иле Спасев објави кус извадок од новата песна, користејќи ја ознаката „тропски вибрации“, а иако станува збор за само неколку секунди, веднаш можеме да заклучиме дека ќе биде одлично летно освежување.

@korunoskisimeon Coming Soon. #music #tropicalvibe

A post shared by Ile Spasev (@ilespasev) on

Освен учеството во мјузиклот „Тајно моја“ и бројните преработки на светски хитови, Симеон зад себе ја има баладата „Најмила“ од авторот Никола Дојчиновски, за која се закити со наградата за најдобар дебитант на минатогодишниот „Охрид-фест“, а триумфираше и на фестивалот „Златен костен“ во Бугарија. Додека го очекуваме новиот летен хит на Симеон Коруноски, уживајте со неговата „Најмила“!



Врати се горе ↑