Концерт 12119508_10154100863576494_543873943_o

9 октомври, 2015

Троен музички спектакл со Мирослав Илиќ, Зорица Брунцлиќ и Џенан Лончаревиќ

4 декември е датум резервиран за тројниот музички спектакл со Мирослав Илиќ, Зорица Брунцлиќ и Џенан Лончаревиќ. Концертот, на кој на иста сцена ќе застанат три имиња од соседството, ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“, а истиот ќе биде збогатен и со виртуозите на хармоника – Мирољуб Аранѓеловиќ – Кемиш и Миша Мијатовиќ.

Билетите ќе бидат пуштени во продажба од понеделник (12 октомври 2015 г.) по цена од 400 денари, и тоа преку продажната мрежа на „Купи карти за сè“, во Розе – Веро 2, ресторанот „Окарина“ и во билетарницата во „Борис Трајковски“.

Уште една информација, која веруваме ќе ви биде интересна, а го оправдува скорото доаѓање на Мирослав Илиќ во Скопје, е фактот што токму овој ќе биде неговиот проштален концерт пред заминувањето во музичка пензија. Фактот дека сака и со македонската публика да се прости како што доликува, се оправдува со тоа дека за нашата земја го врзуваат бројни спомени, бидејќи токму во Скопје ги поминал студентските денови.

Мирослав Илиќ е роден во Мрчајевци на 10 декември 1950 година, па токму и заради родното село го нарекуваат „Славејот од Мрчајевци“. Гимназија завршил во Чачак, а на факултет се запишал во Скопје, токму затоа и за нашиот град го врзуваат еден куп убави спомени и често истакнува дека знае македонски.

Кариерата ја почнува во 1972 година со песната „Волео сам девојку из града“. Бројката на негови хитови се чини бесконечна зашто меѓу првиот албум „Овом те песмом поздрављам“ снимен во 1973 година, па сè до последниот издаден лани, а со наслов „Волим те неизлечиво“, речиси на секои две години издава нови материјали.

Најголемите хитови му се „Божанственa жено“, „Лажу да време лечи све“, „Волео сам девојку из града“, „Поздрави је, поздрави“, „Један дан живота“ (дуетската со Лепа Брена), „Зовеш ме на вино“, „Теби“

 

Зорица Брунцлиќ е родена на 29 јуни 1955 година во Белград. Почнала да настапува по кафеани и ресторани. Се мажела три пати, а најпознати се браковите со Љубо Кешељ и Мирољуб Аранѓеловиќ – Кемиш, со кого има четири деца. Во музичките води ја вовел Бора Спужиќ – Квака, познат народен пејач од времето на СФРЈ. Првата плоча ја снима во 1975 година, и тоа сингл плоча со насловната тема „Не дај да нас раставе“. Песната доживеала огромен успех и тираж од 300.000 примероци. Најголеми хитови се „А тебе нема“; „Откопчано јелече“, „Ево зора је“, „Кошава“, „Авлије, авлије“

 

Џенан Лончаревиќ е уште еден пејач кој се пробил благодарение на свирките по белградските сплавови. Роден е во Пријепољe во 1975 година, а брзо се прослави не само заради одличната боја на гласот, туку и заради фактот што е мајстор за живи свирки. Првиот албум „Никоме не речи“ го сними во 2007 година, а две години подоцна и „Добро је то“. Соработувал со врвни музички имиња како Кики Лесендриќ, Сергеј Ќетковиќ, Леонтина…

 



Врати се горе ↑