Видео

15 мај, 2016

Триумф за Украина на „Евровизија 2016“

Вчеравечер во арената „Глоуб“ во Стокхолм се одржа големото финале на 61. издание на „Евровизија“, а домаќинот Шведска се погрижи да ни приреди уште едно спектакуларно шоу. Покрај настапите на 26-те финалисти и гостувањето на светската ѕвезда Џастин Тимберлејк, можеби најинтересниот дел од вечерта беше токму соопштувањето на гласовите, кои годинава за првпат беа објавувани на поинаков начин што речиси никој не можеше да претпостави кој ќе биде победникот сè до самиот крај.

Имено, презентерите од сите 42 земји, колку што учествуваа годинава, ги соопштуваа гласовите од стручните жирија во форма на добро познатите поени (од 1 до 12), а останатите 50% од резултатот ги сочинуваа телефонските гласови на публиката. За разлика од досега, овие гласови беа претставени во форма на поени започнувајќи од 0 до над 350.

Иако најголем фаворит за победа беше Русија, Сергеј Лазарев заврши на 3. место, а без поголемо изненадување 2. место го освои австралиската претставничка Дами Им, која доби најмногу поени од стручните жирија. Неизвесноста траеше буквално до последната минута од шоуто, кога со импресивни 534 поени триумфираше украинската претставничка Џамала со песната „1944“.

32-годишната пејачка, чие име е Сузана Џамаладинова, беше во центарот на вниманието уште во февруари, бидејќи во нејзината песна се зборува за прогонот на кримските Татари од Украина во времето на владеењето на Сталин, што предизвика бурни реакции, особено во Русија. Џамала особено се инспирирала за оваа песна од приказната на нејзината прабаба, која имала околу 25 години кога заедно со нејзините 5 деца била прогонета во Централна Азија. Рефренот на песната е отпеан на кримски татарски јазик, односно зборови кои Џамала ги слушнала од нејзината прабаба присетувајќи се на изгубената младост што не можела да ја помине во родната земја.

 

Ова е втора победа за Украина, која претходно го освои првото место во 2004 година со „Дивите танци“ на Руслана. Земјата се врати на „Евровизија“ по пауза од една година, а од 2003 година досега учествувала вкупно 13 пати. Освен победата на Руслана и оваа на Џамала, позначаен успех постигнале и претставниците Верка Сердучка во 2007 и Ани Лорак во 2008 со освоено второ место, Злата Огњевич во 2013 беше трета, а Мика Њутон во 2011 година заврши на 4. место.

По завршувањето на натпреварот беа објавени и поените од двете полуфинални вечери, а во рамките на втората полуфинална вечер Македонија освоила 88 поени, пласирајќи се на 11. место. Едно место погоре, со 105 поени, во финалето последна се пласирала српската претставничка Сања Вучиќ. Најмногу поени оваа вечер освоила Австралија (330), а веднаш зад неа била и победничката Украина со 287 поени. Сосема очекувано, во првата полуфинална вечер најмногу поени освоил рускиот претставник Сергеј Лазарев.

табелааа

Со победата на Џамала, следната година „Евровизија“ се сели во Киев, а каква манифестација ќе ни приредат во Украина останува да дознаеме во мај.

И.Ј. / фотографија: Андрес Путинг (eurovision.tv)

 



Врати се горе ↑