Настани d-festival

5 мај, 2015

Тридневна програма за јубилејниот „Д ФЕСТИВАЛ“ во Дојран‏

Започнаа подготовките за Д ФЕСТИВАЛ 2015“, еден од најуникатните летни музички фестивали во Македонија, кој оваа година ќе го прослави своето јубилејно петто издание! Од многуте изненадувања кои се подготвуваат по овој повод, за почеток Ви откриваме дека оваа година фестивалот ќе се одвива од 17 до 19 јули во Дојран, односно во своето јубилејно петто издание „Д ФЕСТИВАЛ“ прв пат ќе трае полни три дена! Покрај тоа, за своите посетители фестивалот годинава обезбедува и посебен камп простор на автентичното дојранско крајбрежје.

Изминатите четири изданија, дел од „Д ФЕСТИВАЛ“ беа бројни музички ѕвезди кои привлекоа повеќе од 14.000 посетители, па паркингот „Гранит“ во Дојран на моменти се чинеше премал за сите бендови, имиња, дополнителни содржини и публиката која со својата позитивна енергија веќе прерасна во уникатно одбележје на фестивалот. И токму за неа „Д ФЕСТИВАЛ“ оваа година има дополнително место за деноноќно и уште поголемо уживање во фестивалската програма и убавините на дојранското крајбрежје. Имено, во непосредна близина на паркинг „Гранит“, а на самиот езерски брег, публиката ќе добие и свој камп простор со посебна плажа, спортски активности, интернет и други благодети за вистински летен одмор помеѓу бурните фестивалски ноќи.

Единствен по својата позитивна атмосфера, „Д ФЕСТИВАЛ“ претставува квалитетно фестивалско доживување кое ги следи желбите на своите посетители и кое растејќи секоја година, докажува дека најдоброто на овој фестивал е секое негово следно издание. Дека „Д ФЕСТИВАЛ“ е уникатно музичко случување на овие простори, сведочи и листата на изведувачи кои настапија изминативе четири години. Од британските ѕвезди „Стерео Ем-Си’с“ и „Соник“, кои настапија како главни ѕвезди на фестивалот, преку најголемите имиња на регионалната сцена како „Дубиоза колектив“, „С.А.Р.С.“, „Дискобајаги“ или гостите од Холандија,„Амарици“ и „Баилца“ од Грција кои беа своевидно откритие на фестивалот, па сѐ до исклучителните имиња на домашната сцена. Изминатите изданија на „Д фестивал“ понудија незаборавен настап на Кирил Џајковски, одлични концерти на „Бернајс пропаганда“, „Конкеринг лајон“, „Стринг форсис“, долго очекуваниот настап на легендите „Зијан“, од најголемите имиња на поп-рок сцената ги видовме „Ареа“, една од најенергичните забави беше со „Суперхикс“, а уште се паметат и настапите на „Пеперминт“, „Дивизија“, Владич (Инфјуз) и други.

Полека, но сигурно „Д ФЕСТИВАЛ“ со својата богата програма се покажа видливо значаен за средината во која се одржува, но и за културно-туристичката понуда и промоција на Македонија воопшто. Без сомнеж, „Д ФЕСТИВАЛ“ со секое свое издание чекори напред, а со своето петто издание ветува дека ќе исчекори уште подалеку во згаснување на жедта за незаборавно летно фестивалско доживување. Она што е уште сега сигурно, е дека јубилејното издание на Д ФЕСТИВАЛ ќе биде уште подобро, многу поголемо и застрашувачки забавно.

Наскоро ќе биде објавена целосната програма на фестивалот, а како и секоја година за своите најверни фанови „Д ФЕСТИВАЛ“ ги подготвува „earlybird“ влезниците со најповолни цени.

Почнете да се подготвувате, „Д ФЕСТИВАЛ 2015“ е настанот на ова лето!
Се гледаме од 17 до 19 јули во Дојран!



Врати се горе ↑