Балкан

16 март, 2018

Три значајни музички изложби на „Контакт 2018“

Со изложбата на фотографии од Горанка Матиќ насловена „ВЛАДА“, која е посветена на Влада Дивљан, официјално ќе биде отворена втората регионална музичка конференција „Контакт“ во Белград. Делата се создавани во различни фази: од периодот од првиот албум на групата „Идоли“, „Одбрана и последњи дан“, како и концертите, првиот белградски во СКЦ, загрепскиот во „Кулушиќ“, потоа настапот во Домот на млади во Белград и халата „Пинк“…

Изложбата ја следи кариерата на Влада заклучно со настапите со „Олд-старс бенд“. Исто така, ќе бидат изложени и портрети кои авторката ги направила во текот на осумдесеттите години. Изложбата е посветена на 60-годишнината од раѓањето на Дивљан и ќе биде отворена во „Марш опен спејс“ на 21 март во 19.00 часот. Сите заинтересирани ќе може да ја посетат во наредните три месеци.

 

 

Во рамките на втората регионална музичка конференција, во „Љубимац“ ќе биде поставена изложба на еден од најценетите и најбарани режисери на музички видеа – Жаре Батиновиќ (Хрватска). Станува збор за фотографии кои сплитскиот уметник ги направил во текот на снимањето на видеа за бројни изведувачи.

Батиновиќ по професија е магионичар, а по занимање сепак режисер. Најпознат е по музичките видеа што ги создава уште од почетокот на деведесеттите за Џибони, Оливер Драгојевиќ, Бајага, Горан Барет и „Мајке“, „Парни ваљак“ и многу други. До денес тој снимил повеќе од 200 видеа, а својата приказна на белграѓани и на посетителите на конференцијата „Контакт 2018“ ќе им ја раскаже од 22 до 24 март.

Покрај изложбата што ќе биде поставена во „Љубимац“, Жаре Батиновиќ ќе биде и еден од учесниците на работилницата „Како да се сними музичко видео“, која конференцијата „Контакт“ ја организира в четврток, на 22 март во 14.00 часот во „Спрат“.

Ол-стар екипата, која покрај Жаре Батиновиќ ја сочинуваат и Иван Шијак, Јован Малинов Тоба, Александар Илиќ и Петар Илиќ Ќирило, во друштво на младите креативни сили Сташа Букумировиќ и Немања Нави Андрејевиќ, на посетителите ќе им ги приближи своите знаења, искуства и интересни приказни кои станале дел од богатата рокенрол-историја на регионот. Сето тоа под модераторската палка на Андреј Хамовиќ, шеф на филмската катедра при белградскиот Институт САЕ.

 

 

Музичката конференција „Контакт“ ве кани и на изложбата на векторски портрети на поп-културните херои и јунаци од авторот Дејан Мариќ. Неговата уметност е веќе препознатлива со дигитален принт-формат 14х10 cm.

Бидејќи авторот го фасцинираат поп-рок херои и хероини, сосема логично е што изложбата својот нов дом го најде во автентичниот амбиент на кафулето „Шикарица“, над Скадарлија, која речиси 10 години ја негува поп-културата и рокенрол-традицијата. Изложбата е од продажен карактер и ќе биде отворена на 23 март во 19.00 часот.



Врати се горе ↑