Концерт 530305_10151543643170994_1707109948_n

13 јули, 2013

Три ексклузивни концерти на Охридско лето

Во рамките на 53-тото издание на Охридско лето, нѐ очекуваат три ексклузивни концерти, Сите различни по својата стилска експресија, но подеднакво врвни по концертниот перформанс и достигнувањата на музичката сцена, претставени од хорската атракција ВИВА ВОКС, најпродаваниот гудачки квартет во музичката историја БОНД и ансамблот на виртуозниот виолинист РОБИ ЛАКАТОШ.

Еден од овие концерти е исклучителната хорска атракција Вива Вокс (VIva Vox), кој доаѓа од Белград и молскавично го освои светот со неверојатните гласови кои експериментираат со различни музички жанрови! Нивниот концерт, насловен Voice vs The Machine, кој ќе се одржи во Античкиот театар во Охрид, ќе биде и нивна прва средба со македонската публика. Нивниот карактеристичен и глобално препознатлив звук, претставува „а капела“ интерпретација, во придружба на битбокс, на музиката од светските ѕвезди Елтон Џон, Рамштајн, Продиџи, Ред Хот Чили Пеперс, АББА, Квин, Рејџ агенст д машин, Нирвана, Систем оф а даун…, водени од начелото дека не постои звук кој не е можно вокално да се репродуцира. Станува збор за хор со извонредна концертна моќ, кој предизвикува огромен интерес за нивните настапи како во престижните концертни сали, така и на сцените на големите музички фестивали. Имено, Вива Вокс, пред два дена беа дел и од церемонијата за отворање на овогодинешниот Егзит фестивал во Нови Сад, каде одржаа фуриозен настап и уште еднаш ги поместија границите на невозможното кога е во прашање човечкиот глас. За време на нивниот настап, публиката се чувствуваше како да се наоѓа сред концерт на Рамштајн или Продиџи, што го докажа и фамозната „шутка“ која следеше за време на песните „Du Hast“ и миксот од песни на Продиџи.

Оние кои имаа прилика да чујат и видат дел од овој настап, најдобро знаат што нѐ очекува на 2-ри август, во Античкиот Театар во Охрид, кога ќе имаме можност да уживаме во несопирлива енергија и ентузијазам, кои Вива Вокс ги вложуваат на своите концерти. За концертот во Охрид, тие подготвуваат посебен настап и со нетрпение ја очекуваат првата средба со македонската публика, а помеѓу подготовки одвоија време и да испратат посебен поздрав по овој повод, кој можете да го погледнете на овој линк.

Покрај Viva Vox, дел од манифестацијата Охридско лето е и ексклузивниот концерт на најсензационалниот светски гудачки квартет БОНД (BOND), кој ќе се одржи на 27-ми јули, во Античкиот Театар во Охрид! БОНД e најпродаваниот гудачкиот квартет во историјата на музичката индустрија, претставен од четири атрактивни девојки кои се познати и како Spice Girls на класичната музика. Зад себе имаат неверојатни 56 платински и 15 златни тиражи, 5 милиони распродадени албуми, огромен број изданија и работа на музика за холивудски филмови и настапи во над 70 држави. Огромен успех во многу земји ширум светот постигнаа и со последниот албум „Play“ во 2011 година. Групата чиј успех е препознаен насекаде во светот, својата инспирацијата ја црпи од класичната, латино, џез, фолк, рок, поп, електро музиката. Минатата година Бонд имаа спектакуларен настап со Расел Бренд на церемонијата на затворањето на Олимписките игри во Лондон, а неверојатниот квартет конечно, за прв пат доаѓа пред македонската публика и тоа во рамки на прославата на 10 години од нивното постоење.

На 4-ти август, пак, во Античкиот театар во Охрид доаѓа и исклучителниот унгарски виолинист и уметник РОБИ ЛАКАТОШ, со концерт кој ќе биде ретка прилика македонската публика да ужива во виртуозната убавина на „ѓаволскиот виолинист“. Роби Лакатош (Roby Lakatos) на извонреден начин го прикажува спојот на класичната музика со џез додатоци и изворен мелос. Виртуоз со извонредна стилска разноликост, Лакатош – познат и како “ѓаволскиот виолинист”, е редок музичар кој и пркоси на музичката дефиниција. Роден во легендарното семејство кое потекнува од Јанош Бихари, “Кралот на ромските виолинисти”, неговото музицирање еволуираше во рамките на семејство, но и на Бела Барток конзерваториумот во Будимпешта, каде што ја освои првата награда за класична виолина во 1984 година. Тој има соработувано со легендарните Вадим Репин и Стефан Грапели, а неговото виртуозно свирење го восхити и американскиот виолинист Сер Јехуди Менјухин.

ВЛЕЗНИЦИТЕ ПУШТЕНИ ВО ПРОДАЖБА

Влезниците за овие концерти се веќе достапни во продажба и тоа во повеќе категории, во зависност од распоредот на седење во Античкиот Театар во Охрид:

BOND:  800, 1000 и 1200 денари,

• VIVA VOX: 600, 700 и 800 денари,

• ROBY LAKATOS: 600, 700 и 800 денари.

Продажбата на влезниците се спроведува во продажната мрежа на МКтикетс, а истите можете да ги резевирате во Југотон (Скопје, ГТЦ, прв кат) на тел.бр.: (02) 3239860. Сите дополнителни информации за влезниците можете да ги најдете на овој линк.



Врати се горе ↑