Настани 6017_268592399947851_1344558996_n

25 јуни, 2013

Трето издание на Д ФЕСТИВАЛ!

Д Фестивал , уникатниот open-air музички хепенинг кој се одржува во Дојран, веќе сам по себе прерасна во симбол на незаборавно концертно доживување и омилена дестинација за фановите на автентичниот летен фестивалски дух. Традицијата на овој настан и одличната атмосфера која ни остава незаборавни спомени од целовечерната забава на автентичното дојранско крајбрежје продолжува и годинава и тоа во знакот на јубилејната „Таксират 15“ година. Во организација на Пасворд Продакшн и Антена 5 Радио, на 27-ми јули (сабота) ќе се одржи третото издание на Д Фестивал , а паркингот Гранит ÂÎ Дојран повторно ќе биде местото каде што ќе се танцува до изгрејсонце. Гаранцијата за остварувањето на ветеното, дека годинава нè очекува најпозитивното издание на фестивалот до сега, доаѓа со исклучителните имиња од грижливо селектираната и интернационална програма на фестивалот. На наше особено задоволство првиот дел од артистите кои го потврдија својот настап на Д Фестивал 2013 ги вклучува Дубиоза Колектив, Conquering Lion и Amariszi .

Дубиоза Колектив, бендот кој обезбеди епитет на еден од глобално најпрепознатливите изведувачи од овие простори, доаѓа во Дојран по уште една успешна година за нив и бројните настапи на најреномираните европски фестивали, од Егзит до Роскилде. Нивниот настап е во рамките на актуелната турнеја за новиот шести албум насловен „Апсурдистан“, кој во Македонија е објавен под етикетата на Пасворд Продакшн, достапен collection terms а и за бесплатно превземање од нивниот сајт www.dubioza.org.

Дубиоза Колектив е група која се создаде од потребата да се прозбори за важните проблеми на современото општество и да му се покаже на остатокот од светот дека животот на Балканот постои и надвор од рамките на медиумскиот стереотип. Со текстовите на своите песни Дубиоза Колектив жестоко го критикува корумпираното општество во кое владеат национализам, негативна селекција и неправда, а истовремено ја промовираат борбата за слобода, рамноправност и праведен општествен поредок. Звукот на бендот пак, е комбинација на традиционални музички форми со елементи на хип-хоп, реге, даб и рок’н’рол, додека нивните енергични свирки во живо се препознатливи како вистинско освежување на балканската музичка сцена.

Нивниот активен општествен ангажман, настапите по најголемите светски музички фестивали, признанијата кои им ги доделија BBC и Time магазинот и одличните концерти кои ги приредуваат, ветуваат уште еден концертен спектакл на Д Фестивал кој никого нема да остави рамнодушен.

Покрај нив, сцената на Д Фестивал 2013 ќе ги претстави и Conquering Lion , даб / реге / хардкор бендот од Тетово, кој загарантирано ќе донесе добра енергија и неодолив реге ритам. Во 2009 година тие го објавија првиот албум, наречен едноставно „I“ кој се состои од 10 песни, вклучувајќи и соработка со јамајканецот Jahom Clarityjem на песната Jah Love. Вториот албум е издаден 2011 и во моментов работат на трето студиско издание. Искуството го стекнаа со настапи низ Македонија, но исто така и во Германија, Словенија, Хрватска, Босна, Србија, Бугарија, Грција, Романија и Косово. До сега имаат настапувано со големи реге имиња како што Gentleman, Ras Zacharri, Donald Minott, Hornsman Coyote и други. Неодамна тие го објавија и „Wicked Man“ – носечкиот сингл што го најавува новиот албум на бендот, насловен „Revelation“. Албумот се очекува на есен, а посетителите на Д Фестивал ќе имаат прилика да бидат меѓу првите кои ќе чујат дел од новиот материјал на најпродуктивниот реге бенд кај нас.

Еден од бендовите кои со сигурност ќе ја освои публиката на Д Фестивал е холандскиот бенд Amariszi . Ова е бенд кој во својот музички израз ги комбинира балканските музички влијанија на исклучително инвентивен начин – свеж микс на поп, реге, фолк. Холандската музичка дружина оформена е во 2007 година, четири години подоцна го објавува извонредниот деби албум „Chaotika Balkans“. Албумотот кој го карактеризираат оригиналноста и инспиративната виртуозност, им донесе неколку награди и го отвори патот кон настапите на бројни фестивали. Оригиналните композиции, аранжирани за да предизвикаат позитивни чувства, создаваат музика која ја привлекува широката публика: пристап кој и помогна на групата да стекне почит и во рамките на балканската сцена. Игривоста и убавата експресивност на членовите на бендот пак е одличен дополнителен придонес кој несомнено привлекува внимание. Составот на Amariszi вклучува бас и тапани, гитара, дувачка секција и хармоника, кои создаваат возбудлива музика, додека нивниот изглед на сцената, анимираноста и ентузијазамот, прават секој настап на овој бенд да биде одлична забава!

Подгответе се за ново незаборавно издание на Д Фестивал, а наскоро очекувајте и нови музички имиња кои годинава ќе бидат задолжени ова издание со сигурност да биде и најдоброто до сега!



Врати се горе ↑