Видео if au

9 март, 2017

Трета среќа за Австралија на „Евровизија“?

Една од најновите земји учеснички на популарниот европски фестивал, Австралија деновиве ја претстави песната со која што ќе се натпреварува на годинешното, 62. по ред издание на „Евровизија“. Станува збор за темата насловена „Don’t Come Easy“, која ја изведува минатогодишниот победник на австралискиот „Х фактор“, Ајзеја Фајрбрејс (Isaiah Firebrace).

Младиот пејач е трет евровизиски претставник на Австралија, која во изминатите две години постигна голем успех на фестивалот. Имено, целата приказна започна во 2015 година, кога по повод 60. роденден на фестивалот, Австралија доби покана за еднократно учество, а тогашниот претставник, Гај Себастијан, го освои високото 5. место.

Заради големиот интерес на австралиската публика, Европската радиодифузна унија одлучи земјата да биде редовен учесник на фестивалот и веќе следната година, пејачката Дами Им ја освои вицешампионската титула. Токму затоа, многумина веќе се прашуваат дали годинава ќе биде трета среќа за Австралија? „Don’t Come Easy“ е одлична и моќна балада, а дали има потенцијал за победа дознајте во продолжение. Уживајте!

 

Со оглед на тоа што се ближи крајниот рок за објавување на сите песни што ќе се натпреваруваат годинава, голем дел од нив веќе се наоѓаат на официјалниот евровизиски канал на Јутјуб, а утревечер ќе биде додадена и нашата, чија премиера е закажана за 20 часот на МРТ.

И.Ј.



Врати се горе ↑