Македонија Pres- Tanc so zvezdite

17 јануари, 2013

Тони Михајловски ќе „танцува со ѕвездите“ на МТВ

Светското шоу „Танцот со ѕвездите“ оваа година ќе биде дел од програмата на Македонската телевизија. Националниот сервис во соработка со Дрим Фактори продукција веќе започна со реализација на шоуто.

„Станува збор за проект каде познати личности ќе учат да танцуваат со искусни танчери. По секое шоу се гласа и еден од паровите излегува. Повеќе од сигурни сме дека ова популарно шоу ќе постигне голем успех. Оригиналното шоу од каде се преземени сите обврски е на ББС, а се емитува веќе во 42 земји“ – објасни генералниот директор на Националниот сервис, Марјан Цветковски.

Според продуцентите на шоуто овој проект е доста значаен во недостиг на квалитетна продукција на програма на македонските телевизии. „Танчерите ќе бидат оценувани од жири, а секој од гледачите ќе може да гласа за својот фаворит исто така. Водител на целиот настан ќе биде Тони Михајловски. Веќе започнавме со снимање на дел од материјалите што ќе одат во првите емисии како најава за шоуто“ – додаде Огнен Антов од Дрим Фактори продукција.

Шоуто е меѓу најгледаните 10 емисии во 17 земји каде е адаптирано. Шоуто прави парови од голем број на познати ѕвезди со професионални танчери кои секоја недела се натпреваруваат, изведувајќи една или повеќе кореографии кои следат одредена тема, предвидена за неделата кога се емитува шоуто. Танчерите, потоа се оценети од страна на судиите преку панели со бодови. На гледачите им е дадена можност во одредено време да гласаат телефонски или пак во некои земји, тоа можат да го направат и онлајн. Парот кој што има најмал број на поени во текот на вечерта, е елиминиран од страна на судиите. Овој процес продолжува се додека не останат само два или три пара на играчи кои ќе треба да се натпреваруваат меѓу себе, сè додека не се одлучи која ќе биде победничката двојка.

Инаку, во шоуто танците се поделени во две категории со по пет видови танци, односно меѓународни танци како што се валцер, танго, виенски валцер, фокстрот и квикстеп, како и меѓународните латино танци: самба, чача, румба, пасо добле и џив. Меѓу победниците на американското шоу се Никол Шерцингер, Џенифер Греј и други.

Професионалните танчери кои ќе се играат и вежбаат со ѕвездите се: Илија Карадакоски, Марина Овезовска, Симона Веселиновска, Мишо Спасовски, Наде Миленкова, Нермин Кочан, Ванчо Ангелески, Јована Василева, Ива Петровска и Христијан Димовски, а дел од музичките имиња кои ќе се натрпеваруваат се Викторија Лоба, Аделина Тахири и Александар Белов, потоа актерите Васил Зафирчев, Висар Вишка и Јелена Јованова, манекенката и водителка Марјана Станојковска, поранешната ракометарка Андријана Будимир, кајакарот Атанас Николовски и водителот од МТВ Бранко Чупески.

 Шоуто почнува да се емитува во текот на месец февруари или почетокот на месец март, на Македонската телевизија.

 

 



Врати се горе ↑