Свет

29 март, 2019

Том Хенкс ќе го игра менаџерот на Елвис во новиот биографски филм за пејачот

Том Хенкс е во фаза на преговори за улогата на менаџерот на Елвис Пресли – полковникот Том Паркер – во новиот, сè уште неименуван филм за легендарниот пејач што го подготвува австралискиот режисер Баз Лурман. Како што пренесуваат американските медиуми, ако Хенкс ја прифати оваа улога, „Ворнер брадрс“ веројатно ќе одобри огромен буџет за овој проект и снимањето би почнало подоцна годинава.

Сè уште не е познато кој ќе ја игра главната улога, а Лурман наводно е во потрага по непознат актер што најдобро би го доловил кралот на рокенролот.

Може да се каже дека подеднакво значење има и самиот Паркер, кој се сретнал со пејачот во 1955 година и веќе следната 1956 му станал ексклузивен менаџер, одигрувајќи клучна улога за неговата историска кариера. Интересно е и тоа што Паркер бил роден во Холандија и претстојот во САД му бил нерегулиран, па токму затоа Елвис во целата кариера имал само неколку настапи во други земји.

Освен што ќе го режира новиот филм, Баз Лурман го напиша и сценариото заедно со Крег Пирс.

За Пресли досега се снимени повеќе филмови, а меѓу актерите што го одиграле се и Курт Расел („Елвис“, 1979) и Џонатан Рис Мејерс („Елвис“, 2005).



Врати се горе ↑