Свет grammy-duets

29 јануари, 2015

Том Џонс, Џеси Џеј, Ени Ленокс и Хозиер на Греми наградите

За највозбудливата вечер за музичката индустрија, доделувањето на Греми наградите, секојдневно се најавуваат нови и нови изведувачи кои ќе ја збогатат манифестацијата со своите настапи. Покрај веќе најавените изведувачи „Еј-си-ди-си“, Крис Чрч, Аријана Гранде, Мадона, Ед Ширан, Сем Смит, Фарел Вилијамс, Ашер, Миранда Ламберт и Џон Леџенд со Комон, како и дуетите на Адам Левин со Гвен Стефани и Тони Бенет со Лејди Гага, на списокот беа додадени уште поинтересни соработки.

Станува збор за британската легенда Том Џонс, кој ќе запее заедно со младата колешка Џеси Џеј, како и ветеранката Ени Ленокс, која ќе настапи во дует со ирскиот соул и блуз музичар Хозиер. Џеси Џеј годинава доби една номинација за нејзиниот хит „Bang Bang“, кој се натпреварува во категоријата „Најдобра изведба на поп дуо или група“, а сопственичката на 4 Греми статуетки, Ени Ленокс е во трка за еден златен грамофон во категоријата „Најдобар традиционален поп вокален албум“ за нејзиното шесто студиско издание „Nostalgia“, објавено минатата година.

57. доделување на Греми наградите ќе се одржи во недела, 8 февруари, во „Стејплс центарот“ во Лос Анџелес, a домаќин на манифестацијата и овој пат ќе биде познатиот музичар Ел Ел Кул Џеј.



Врати се горе ↑