„Тиви рејџ“ најдобра група, Марко Џамбазоски најдобар гитарист на „Рок-фест 2014“
Синоќа во МКЦ се одржа првата натпреварувачка вечер од јубилејното 30. издание на „Рок-фест“, а жирито составено од музичарот Ѓоко Мишковски од тонското студио „Рокенрол“, некогашниот учесник на фестивалот, Урош Вељковиќ од групата „Стил темпл“ и неколку претставници од фестивалот за најдобар бенд го прогласија скопскиот состав „Тиви рејџ“, чија награда е снимање на песна во студиото „Рокенрол“. За најдобар гитарист, пак, беше прогласен Марко Џамбазоски од скопскиот бенд „Визија“, кој доби електрична гитара „Јамаха“ од продавницата за музички инструменти „До-ре-ми“.
Со оглед на тоа што годинава фестивалот го слави својот 30. роденден, и останатите учесници ќе имаат можност да снимат по една песна. Втората ревијална вечер на „Рок фест 2014“, во чии рамки ќе настапат битолските групи „Најн викс“ и „Памперс“, скопската супергрупа „Барбарела“ и специјалниот гостин Јаков Дренковски, ќе започне во 20.30 часот.
Фотографии: Фејсбук фан страница на „Рок-фест“