Свет justin-timberlake-take-back-the-night-teaser

16 јули, 2013

Тимберлејк обвинет за насловот на новиот сингл

Џастин Тимберлејк деновиве го најави второто продолжение од албумот „The 20/20 Experience“  со синглот „Take Back The Night“ , но како што пренесуваат американските медиуми, тоа не беше пријатно изненадување за сите. Имено, истоимената фондација Take Back The Night, позната и како Reclaim the Night, која уште од седумдесеттите години на минатиот век е активна во борбата против силувањето и сексуалното насилство, тврди дека пејачот и неговите претставници никогаш не ги консултирале во врска со користењето на ова име, а претставничката од фондацијата Кетрин Костнер изјавила:

„Во фондацијата беа шокирани кога го видоа тоа, бидејќи вообичаено сите заинтересирани нè прашуваат пред да го искористат името. Луѓето кои се толку влијателни како што е Џастин Тимберлејк прават навистина прекрасни нешта за да ја поддржат нашата цел. Но текстот на оваа песна е сексуално ориентиран и воопшто не е јасно дали песната ја поддржува борбата против сексуалното насилство. Притоа, фразата „use me“ (искористи ме) не е нешто што сакаат да го слушнат луѓето поврзани со оваа идеја.“

Костнер додала дека повеќе пати се обиделе да го контактираат пејачот и на крајот им одговорил неговиот агент кој изјавил дека „Џастин е добро момче и семеен човек“, како и тоа дека „тој никогаш порано не слушнал за оваа фондација“, а нејзиниот коментар бил: „Не знам во која земја живеел тој во меѓувреме. Веројатно ова некако останало надвор од неговото поле на интерес. Но, некој од неговиот тим кој е задолжен да внимава на овие нешта не си ја завршил работата.“

Од друга страна, магазинот Idolator иако се сложува дека фондацијата со ова име е едно „општо место“, ја потенцира можноста дека пејачот ја употребил оваа фраза во сосема друг контекст и без да биде свесен дека тоа име станало препознатливо како заштитен знак на оние кои се бават со проблемите на кои е посветена фондацијата Take Back The Night. Исто така, акцентот е ставен и на тоа дека во современата музика е доста тешко да се избегнат „ноќните теми“, наведувајќи примери на песни со слични наслови како што се „We Run The Night“ од Питбул, „We Owned The Night“ од Лејди Антебелум, „We Own The Night“ од Тиесто и Волфган Гартнер, „Wild For The Night“ од Ејсеп Роки и Скрилекс, „Light Up The Night“ од Блек Ајд Пис, „Rock The Night“ од Јуроп, „Dance The Night Away“ од Ван Хејлен, „Surrender The Night“ од Мај Кемикал Роменс, „Waiting For The Night“ од Депеш Мод или „Marry The Night“ од Лејди Гага и многу други.

Според последните информации на Radar Online, фондацијата донела одлука овој проблем да го реши на суд, а наводно веќе било покренато и обвинение против Тимберлејк.

Извор:  popcrush.com



Врати се горе ↑