24 февруари, 2014

Тијана за Евросонг: „Веројатно ќе пеам на англиски“

Викендов беше претставена песната со која Тијана Дапчевиќ ќе ја претставува Македонија на претстојното 59-то издание на Евровизија, а во рамките на специјалното издание на емисијата „Хит на месецот“ пејачката ги отпеа двете верзии на песната која на македонски јазик го носи насловот „Таму кај што припаѓам“, а на англиски „To The Sky“. Токму за време на снимањето на емисијата, пејачката направи кратко интервју со Дејвид Расел од escXtra, кој допатува во Македонија специјално за оваа пригода.

„Песната шири добра енергија, љубов, слобода, мир, разбирање, еднаквост… и тоа е сè“ – објасни пејачката како таа ја доживува песната, која Расел ја опиша како модерна и современа. Тијана уште еднаш нагласи дека нејзината сестра Тамара, покрај тоа што ќе биде придружен вокал, ќе ѝ биде и најголемата поддршка на сцената. Познато е дека за Тамара ова ќе биде трето евровизиско искуство – првиот пат во 2004 година во Истанбул го придружуваше Тоше Проески, а во 2008 година во Белград настапи заедно со Врчак и Адријан Гаџа претставувајќи се со песната „Во име на љубовта“. На прашањето дали Тамара ја слушнала песната, Тијана вели: „Секако дека ја слушна. На почетокот кога почнавме да снимаме ме праша дали може да ја направиме како дует, но јас реков не, оваа е моја песна! Можеби ќе ја направиме дует друг пат…“

На прашањето за што е најмногу возбудена во врска со Евровизија, таа одговори дека тоа е енергијата и запознавањето со луѓе од цела Европа, а во врска со тоа која верзија ќе ја отпее во Копенхаген, изјави: „Сè уште не знам, но мислам дека ќе биде англиската верзија, бидејќи е подобра и затоа што одиме во Европа, а луѓето од Европа не разбираат македонски. Јас го сакам македонскиот, тоа е мој јазик, но сепак оваа песна звучи подобро на англиски.“ – вели Дапчевиќ, а целиот разговор можете да го погледнете горе.

Македонија годинава ќе се претстави на Евровизија по 14-ти пат, a до сега пласман за финале успеа да обезбеди 8 пати, додека највисокото освоено место во финале го имаше Елена Ристеска, кога во 2006 година во Атина заврши на 12-тата позиција. Тијана за прв пат оди на овој натпревар, а песната која е авторско дело на Дарко Димитров, Лазар Цветкоски и Елена Ристеска – Ивановска, како и Лаура Роска од Романија која даде свој придонес за англискиот текст, ќе биде изведена во втората полуфинална вечер на 8-ми мај.

 



Врати се горе ↑