Македонија tijana_dapcevic_novembar_06.jpeg

24 јануари, 2014

Тијана за Евросонг: „Сигурна сум дека ќе влеземе во финале“

„Сигурна сум дека годинава Македонија ќе влезе во финале, ни најмалку не се сомневам во тоа“ –  вели Тијана Дапчевиќ, која годинава е наш претставник на Изборот за песна на евровизија, што ќе се одржи во мај во Копенхаген, Данска, пишува Вест.

Деновиве беше извршено извлекувањето за распоредот на државите во полуфиналните вечери, а Македонија ќе се претстави во втората полуфинална вечер. Но, Тијана вели дека не треба да се оптоваруваме со тоа кој ќе гласа за нас, зашто смета дека нејзиниот настап ќе се допадне и на публиката и на жирито: „Не сакам да звучи самобендисано ама годинава Македонија праќа човек кој ќе им се допадне на сите. Ние ќе дадеме сè од себе да не зависиме само од гласовите од земјите кои досега нè гласале, туку за нас да гласа и Шведска и Швајцарија. Српската и босанската дијаспора таму е многу силна, а јас веќе 14 години настапувам и добро се познаваме. Сме направиле многу журки. Затоа сигурна сум дека ќе влеземе во финале, а ќе имаме и песна за финале“ – вели пејачката.

Овој пат песната ќе биде препеана на српски, англиски, италијански, дански и шпански јазик, српскиот диџеј Грамофонџие, пак, најверојатно ќе направи микс. Сè уште не е одлучено, но скоро е сигурно дека во Копенхаген ќе се пее на македонски јазик. Тијана вели дека полека се работи на се и песната и сценскиот изглед: „Зад мене имам тим кој ќе се погрижи за мојот изглед на Евровизија и за тоа јас лично не се заморувам. Нема сега да откривам кој е тимот, има време кога да се зборува и за тоа и за песната. Нека не ми замеруваат за тоа што ме нема во јавноста. Тоа не значи дека не работиме. Но, јас сум човек кој се појавува само кога има што да каже. А овој пат е рано да се зборува“ – вели Дапчевиќ.



Врати се горе ↑