Македонија

22 март, 2019

Тијана откри дали ќе ѝ се придружи на Тамара во Тел Авив

Кога Тијана Дапчевиќ ја претставуваше нашата земја на „Евровизија“ во 2014 година, сестра ѝ Тамара ѝ беше една од најголемите поддржувачи, настапувајќи и како придружен вокал заедно со Димитар Андоновски и Пере од „Нокаут“, па откако беше обелоденето дека токму Тамара ќе нè претставува на овој фестивал годинава, многумина претпоставија дека сестра ѝ ќе ѝ возврати на истиот начин.

Тијана својата поддршка ја изрази појавувајќи се и во видеото за „Proud“, а делот со виолончелото беше асоцијација дека можеби и таа ќе биде дел од евровизискиот тим, во кој се и придружните вокали Антонија Гиговска, Александра Јанева и Васил Гарванлиев. Сепак, не само што нема да биде на сцена со Тамара, Тијана нема ни да биде присутна во Тел Авив заради најслатката причина.

„Нема да одам во Тел Авив бидејќи така одлучивме. Ќе останам во Белград, а на гости од Скопје ќе ми дојде внуката Хана да ја чувам“, рече Дапчевиќ во разговор со своите обожаватели на Инстаграм, а го најави и својот голем концерт во Белград, кој ќе се случи пред Велигден.

Тијана минатиот месец го објави својот нов сингл „Презир“, а минатата година беше актуелна и со нејзината верзија на хитот „Километри на Лозано, кој го препеа на српски јазик.

 



Врати се горе ↑