Македонија tijana2

3 февруари, 2014

Тијана на Евросонг ќе пее песна од Дарко Димитров

Eвровизиската песна со којашто Тијана Дапчевиќ ќе нè претстави на 59-тото издание на Изборот на песна за Евровизија, официјално ќе биде претставена на 22-ри февруари, во музичката емисија „Хит на месецот“.

„Домашниот Избор на песна за Евровизија секогаш привлекува големо внимание и е следен со нeспорен интерес од домашните, но и од евровизиските фанови ширум Европа, па затоа подготвивме специјално евровизиско издание на ’Хит на месецот’. Тука ќе понудиме повеќе содржини преку кои ќе го претставиме процесот на создавање на евровизиската песна, авторот, нашиот изведувач, снимањето на песната и се разбира песната“ – вели Мери Попова, шеф на Македонската Евровизиска делегација.

Од МРТ соопштуваат дека песната што ќа ја изведе Тијана Дапчевиќ, е композиција во брз, денс ритам, на чијашто финална верзија сè уште се работи. Aвтор на композицијата е композиторот и продуцент Дарко Димитров.

„Со Дарко Димитров работиме четиринаесет години и многу сме успешни како тандем во регионот. Отсекогаш знаевме дека нешто големо ќе ни се случи, ова е тој момент“ – изјави Тијана Дапчевиќ.

Изборот на песна за Евровизија  ќе се одржи од 6-ти до 10-ти мај во  Копенхаген, Данска, а учество ќе земат вкупно 37 земји. Тијана Дапчевиќ ќе настапи на 8 мај, во второто евровизиско полуфинале.



Врати се горе ↑