11 април, 2014

Тијана го претстави евровизискиот видео запис

Денеска во просториите на ресторанот „Арабеска“ во Скопје се одржа промоцијата на видео записот за песната „Таму кај што припаѓам/To The Sky“ со која Тијана Дапчевиќ ќе нè претставува на 59-тото издание на Евровизија. На промоцијата на којашто присуствуваа колеги од музичката сцена, како и бројни претставници од медиумите, беа претставени три видео записи на македонски, англиски и српски јазик.

Покрај Тијана, за чиј изглед се погрижија Ивана Ребреновиќ (стајлинг) и Зоран Шурбевски (шминка), во видео записот се појавуваат и Никола Иљоски, Марко Поповски, Милорад Миновски, Бојан Илиевски, Димитар Амски, Саша Петковски и Иван Никшиќ. Овој проект е во копродукција на Горила продукција и Македонската Радио Телевизија, а како режисер се потпишува Мерт Аслани.

Како што е познато, автори на песната се Дарко Димитров и Лазар Цветскоски (музика и аранжман), а Елена Ристеска-Ивановска го напиша текстот на македонски јазик, додека англиската верзија е напишана во консултација со Лаура Роска од Романија. Тијана ќе настапи во втората полуфинална вечер на 8 мај токму со англиската верзија насловена „To The Sky“, чиј видео запис можете да го погледнете горе, додека останатите две верзии „Таму кај што припаѓам“ и „Вратићу се“, а фотографиите од денешната промоција можете да ги погледнете на фејсбук страницата на Горила продукција.

 

 

 



Врати се горе ↑