Македонија tijana-to-the-sky

10 март, 2014

Тијана Дапчевиќ на Евровизија ќе пее на англиски јазик

Тијана Дапчевиќ во Копенхаген, Данска ќе ја претстави Македонија со англиската верзија на евровизиската песна чиј наслов е „To The Sky”.

„Имавме две одлични верзии на песната и затоа не сакавме да избрзуваме со одлуката. Овој пат решивме публиката сама да се изјасни која верзија ѝ се допаѓа повеќе. Оставивме таа да одлучи, многу поголем е процентот на оние коишто ја преферираат англиската верзија, ’To The Sky’. Навистина сме задоволни со изборот“ – изјави шефот на Македонската Евровизиска делегација Мери Попова.

До крајот на месецот се очекува евровизиската тема да добие и официјален видео запис, а по завршувањето на средбата на шефови на делегации во Копенхаген на 15-ти овој месец, ќе започне и промотивната турнеја на нашата претставничка Тијана Дапчевиќ. Предвидено е учество на Македонија на најголемиот предевровизиски промотивен настан, Eurovision in concert и на Лондонската евровизиска забава, која е втора по големина од овој тип и се случува по четврти пат.

Интересно е тоа што Македонија е одбрана меѓу седумте земји кои со педесет проценти од своето гласање ќе одлучат кој ќе ја претставува Белгија на Евровизија. Неколкучлено жири од Македонија предводено од шефот на делегацијата, Мери Попова ќе имаат задача да им помогнат на колегите од Белгија околу изборот на нивниот претставник.

 



Врати се горе ↑