Свет TLC

2 јули, 2013

„Ти-ел-си“ ја бранат својата одлука повторно да ја снимат „Waterfalls“

Минатата недела беше објавено дека преостанатите членки на реактивираниот бенд „Ти-ел-си“, Ти-Боз и Чили снимиле обработка на некогашниот хит „Waterfalls“, во која на местото од делот на оригиналната членка Лиса „Лефт Ај“ Лопез (која во 2002 година трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во Хондурас), ќе се вклучи јапонската поп ѕвезда Намие Амуро, а како тоа звучи можете да слушнете во продолжение.

Сестрата на починатата пејачка, Реиндроп Лопес тврди дека никој не ја известил за тоа, сè додека некој од фановите не ја објавил информацијата на интернет: „Ќе беше убаво ако нè известеа, а не вака да се изненадиме од веста.“, изјавила таа за „Ти-ем-зи“, додавајќи дека нема ништо против доколку изданието остане наменето само за јапонскиот пазар.

Сега се огласила и Чили, велејќи дека причина за преработката е фактот што бендот не ја поседува оригиналната снимка на која се слуша гласот од починатата пејачка, а сите нивни молби да им се отстапат правата биле одбиени. За „Ти-ем-зи“ Чили рекла: „Бевме присилени да пронајдеме креативен начин да се присетиме на Лиса и да го обележиме споменот за неа.“

Бендот наводно се обидел да ја разреши оваа ситуација и со братот на Лиса. Во соопштението истакнале: „Секогаш го штитевме и ќе го штитиме наследството на нашата сестра, бидејќи ’Ти-ел-си’ се состои од нас трите заедно… Никогаш нема да има замена за Лиса, ниту за кој било друг во ’Ти-ел-си’.“

Песната „Waterfalls“ објавена во 1995 година стана најуспешниот сингл на групата и се задржа седум недели на врвот на американската топ листа, додека во Британија се искачи до четвртото место. Минатата година песната ја обработи и британската женска група „Стуши“ (StooShe), а во видео записот накратко се појавуваат и Ти-Боз и Чили. „Ти-ел-си“ веќе објавија дека работат на првиот албум со нови материјали од 2002 година и изданието „3D“, додавајќи дека соработуваат со колеги како што се Дрејк и Ни-Јо.

Во продолжение да се потсетиме на оригиналната верзија на хитот.

Извор: NME

 



Врати се горе ↑