28 јуни, 2013

„Ти се промени“ – нов сингл на Роберт Билбилов и Дон

После цела година од издавањето на албумот „Лице од Насловна“, еден од најдобрите музички продуценти кај нас, Роберт Билбилов се враќа на сцената со нов сингл насловен „Ти се промени“. Анета Качуркова и Марко Маринковиќ се текстописци на стиховите од нумерата чиј што рап дел го направи бизнисменот Дон, кој има напишано повеќе текстови за наши познати артисти што се вртат во радио етерот, но овој пат се јавува и како гостин во песната. Музиката, аранжманот и комплетната продукција се на самиот Роберт кој и оваа нумера одлучи да биде во веќе препознатливиот за него прогресив хаус стил.

„Ме немаше цела година затоа што сè беше кажано во мојот втор албум. Сега одлучивме повторно преку музика, заедно со Дон, да бидeмe амбасадори на туѓите чувства кои ги преточивме и во видео сторија за една тажна, но реална љубовна приказна која што секојдневно се случува околу нас. Сигурен сум дека песната и спотот ќе допрат до публиката и дека секој ќе се пронајде во неа“ – вели Роберт.

Видео записот за „Ти се промени“ го работеа Мерт Арслани и Антонио Павловски од БМА Продукција, а се снимаше на неколку локации во Скопје и на прекрасните падини на Галичица во Охрид. Покрај Роберт и Дон во спотот се појавуват и многу статисти. „Ти се промени“ од денеска е пуштена во радио етерот, а ТВ промоцијата на спотот, кој што веќе се наоѓа на официјалниот јутјуб канал на Роберт, ќе се случи во понеделник.



Врати се горе ↑