14 април, 2018

„Ти ми зеде сè“ е првиот соло-сингл на Кали

Калина Велковска, или само Кали, е една од најнадежните нови ѕвезди на македонската сцена, а публиката ја знае како дел од групите „Мјузаик“, „Аутмајнд“ и „Ла колони Волвокс“, но и по соработките со Александар Ристовски – Принц, Горан Папаз и како дел од ѕвездениот екипаж на проектот „Floating Through Space With Sarah Mace“ на Сара Мејс.

Талентираната пејачка со препознатлив вокал сега го има и својот прв соло-сингл насловен „Ти ми зеде сè“, чиј комплетен автор е познатиот композитор и продуцент Александар Масевски. Сето тоа стигна спакувано со интересна, дури и вонземска визуализација, за која се погрижи Александар Ристовски – Принц, а Кали танцува по кореографија на Јана Петровска и Ивана Балабанова од „Битрикс кру“, додека за изгледот се погрижија Зорица Николова (шминка и фризура) и Еми Норис (накит).

Официјалната промоција за новата песна и видеото се случи вчера, во скопското кафуле „Олд скул“, а како изгледа и звучи деби-синглот на „цветот во мермерно дувло, создаден од идиосинкратски корења, бои и ноти – музичкиот амалгам наречен Кали“ дознајте горе. Уживајте!



Врати се горе ↑