„The 20/20 Experience“ на Џастин Тибмерлејк најпродаван албум за 2013 година во САД
На самиот почеток од минатата 2013 година американскиот музичар и актер Џастин Тимберлејк без никакви најави се врати на музичката сцена, а изданието насловено „The 20/20 Experience“ кое подоцна доби и свое продолжение, е најпродаваниот албум за 2013 година во САД. Но, како што пренесува Билборд, оваа победа за Тимберлејк ни приближно не е како онаа на Адел, која со нејзиниот албум „21“ 2 години со ред се најде на врвот на оваа листа. Имено, повратничкиот албум на Џастин во текот на минатата година беше продаден во 2,43 милиони примероци, бројка која не е ни половина од тиражот од 5.82 милиони примероци кои ги оствари „21“ на Адел во 2011 година и дополнителните 4,41 милиони во 2012 година. Овој факт покажува колку е опадната продажбата на музика воопшто, а Билборд нагласува дека 2,43 милиони е најмалиот број на продадени примероци на крајот од годината откако SoundScan започна да ги следи овие податоци во 1991 година.
„The 20/20 Experience“ е единствениот албум кој ја премина бројката од 2 милиони примероци во 2013 година, а целокупната продажба во САД е намалена за 8% во однос на претходната година. За разлика од продажбата на ЦД формат која е намалена за 14% и продажбата на дигитални албуми за 1%, винил изданијата се продаваат сè повеќе во изминатите шест години, а овој пат продажбата е зголемена за неверојатни 33% (тотална продажба од 6,1 милион примероци во 2013 година). Најпродаваниот албум во овој формат го имаат Дафт Панк, односно нивното повратничко издание „Random Access Memories“.
Меѓу другото, навистина за пофалба е и успехот на Бијонсе, чиј неодамна објавен албум „Beyoncé“ успеа да се продаде во тираж од 1,3 милиони примероци и тоа во период од само 3 недели, со што се искачи на 8-мото место на оваа листа, а кои беа 10-те најпродавани албуми за 2013 година во САД можете да видите во продолжение.
1. Џастин Тимберлејк, The 20/20 Experience (2.43 милиони)
2. Еминем, The Marshall Mathers LP 2 (1.73 милиони)
3. Лук Брајан, Crash My Party (1.52 милиони)
4. Имеџин Дрегонс, Night Visions (1.4 милиони)
5. Бруно Марс, Unorthodox Jukebox (1.4 милиони)
6. Флорида Џорџиа Лајн, Here’s To The Good Times (1.35 милиони)
7. Дрејк, Nothing Was The Same (1.34 милиони)
8. Бијонсе, Beyoncé (1.3 милиони)
9. Блејк Шелтон, Based On A True Story (1.11 милиони)
10. Џеј Зи, Magna Carta…Holy Grail (1.1 милион)