Свет ts

14 ноември, 2014

Тејлор Свифт се повлече од „Спотифај“: „Музиката има вредност и не е бесплатна“

Тејлор Свифт ја изненади музичката индустрија кога го повлече сиот свој каталог од сервисот „Спотифај“. Тоа се сметаше за мошне храбар потег, кој очигледно ѝ се исплатил, со оглед на тоа што нејзиниот неодамна објавен албум „1989“ за само седум дена беше продаден во над 1,2 милиони примероци, со што стана и издание со најголема заработувачка оваа година.

Поранешната кантри кралица го прокоментира својот потег во неодамнешен разговор со „Јаху“, притоа не криејќи ја својата аверзија кон бесплатното преслушување на музика: „Не сум подготвена своето животно дело да го ставам на располагање на некој експеримент, за кој сметам дека не им нуди фер компензација на авторите, продуцентите, изведувачите и сите оние кои создаваат музика“, рекла Свифт, додавајќи: „Едноставно не се согласувам со перцепцијата дека музиката нема вредност и дека треба да биде бесплатна. Според мене, тоа е неприфатливо.“

 

Пејачката дополнително го објасни својот став: „Ми се чинеше како на своите фанови да им порачувам: ’Ако еден ден и самите започнете да создавате музика или слики, некој едноставно може да влезе во музеј, да ја земе сликата од ѕидот, да скине дел од неа и да го земе со себе, без да плати ни долар. Не ми се допаѓаше таа перцепција, па одлучив да го променам начинот на кој му пристапувам на тоа.“

24-годишната ѕвезда очигледно е во состојба своето физичко цеде да го направи доволно привлечно за фановите со тоа што ќе стави бонус песни, постери и слични додатоци, па со својот пример потврдува дека сè уште е рано да се прогласи победа на дигиталната музика над физичките изданија.



Врати се горе ↑