Видео

17 јуни, 2019

Тејлор Свифт го објави најполитичкиот сингл досега

Тејлор Свифт долго време се трудеше да остане надвор од политиката, со цел да не ги подели своите обожаватели, но минатата година за првпат јавно ги поддржа демократските кандидати на меѓу-изборите што се одржаа во ноември, а првпат политичка порака има и новиот, штотуку објавен сингл „You Need To Calm Down“.

Имено, овој втор сингл од претстојниот албум на Свифт стигна со видео во кое се појавуваат бројни познати личности и активисти за еднакви права, порачувајќи им на властите дека конечно време е да се усвои Законот за еднаквост, кој сè уште не е ратификуван во сите американски држави и кој подразбира еднакви права без дискриминација врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет.

„Да ја покажеме нашата гордост со тоа што ќе побараме, на национално ниво, нашите закони навистина да ги третираат сите наши граѓани како еднакви“, пишува на крајот од видеото. „Ве молам потпишете ја мојата петиција за поддршка на Сенатот за Законот за еднакви права на change.org“.

Како што споменавме, после веселата поп-песна „Мe“, „You Need To Calm Down“ е вториот сингл што го најавува седмото по ред студиско издание насловено „Lover“, кое ќе пристигне на 23 август. Во новото видео конечно можеме да ја видиме заедно со колешката Кејти Пери, со која неодамна се смири после долгогодишни несогласувања, а како изгледа и звучи најновото од Тејлор Свифт, дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑