Свет ts

9 декември, 2014

Тејлор Свифт е „жена на годината“ според „Билборд“

Тејлор Свифт по втор пат се најде на насловната страна на списанието „Билборд“ како „жена на годината“. Станува збор за годишното издание „Women in Music“, а со оглед на тоа што „1989“ е најпродаваниот албум во првата недела уште од 2002 година, Свифт сосема заслужено се најде на ова место. Во интервјуто за „Билборд“, музичарката зборува за нејзините пријателства со познатите личности како што се Лорд и Лена Данам, открива со какви сè потешкотии се соочувала за време на снимањето на албумот „1989“, а кои се петте правила според кои се води Тејлор Свифт можете да прочитате во продолжение.

Нема компромис кога е во прашање музиката

Пејачката открила дека кога на Скот Боршета (Scott Borchetta), основачот на етикетата „Биг машин рекордс“, му соопштила дека не снимила кантри албум, тој многу се вознемирил. Едно од прашањата на кои Тејлор се сеќава дека ѝ ги поставил е: „Дали можеш да снимиш барем 3 кантри песни?“ Таа му одговорила дека не може бидејќи не сака да меша жанрови на еден албум.

Никогаш нема да потклекне

Кога „Билборд“ ја праша за лошите критики кои ги доби за песната „Welcome To New York“, пејачката сметала дека нема потреба да се извинува: „Кога пишуваш песна, пишуваш за емоција која ја имаш во моментот. Мислам дека е невозможно една песна да ги отслика сите економски и политички контексти низ кои поминуваат сите луѓе во целиот Њујорк.“

Текстовите за музиката ги пишува исклучиво сама

„Не сакам да бидам една од оние изведувачи кои нарачуваат песни од текстописци. Не би се занимавала со музика ако не ги пишував своите песни. Не сакам да пеам туѓи зборови.“

Не им дозволува на другите да го контролираат нејзиниот имиџ во јавноста

Тејлор се присетува на сите недоумици и забелешки кои нејзиниот тим ги имал во врска со албумот „1989“: „Дали си сигурна дека сакаш да го направиш ова? Дали си сигурна дека сакаш албумот да се вика ’1989’? Ние мислиме дека тоа е чуден наслов. Дали си сигурна дека на обвивката сакаш да ти се гледа само половина лице? Дали си сигурна дека сакаш да го промениш жанрот во кој си веќе добра?“ На сите прашања пејачката одговорила – „ДА!“

Се грижи за своите пријатели

Лорд за „Билборд“ изјавила: „Тејлор е како некаква заштитна енергија. Се грижи за сите кои ги познава. И многу е заинтересирана за принципите според кои работи индустријата. Мислам дека би требало да држи семинари.“

 



Врати се горе ↑