Настани

12 јуни, 2018

Техно и транс-вечери на дводневниот фестивал „До зора“ во Делчево

Од 3 до 5 август во Делчево ќе се одржува годинешното, 7. по ред издание на фестивалот „До зора“ што ќе трае 48 часа. Како што најавуваат организаторите, и за двете вечери се подготвени програми кои никого нема да остават рамнодушен.

Имено, за техно-звуците ќе се погрижат едни од најдобрите и најафирмираните македонски артисти кои го држат клупскиот ноќен живот во Македонија на едно завидно ниво, како што се: Самоил Радински, Флудер, Митрик, Дени Тајков и Фирма, Кокс и Блендимор, додека транс-вечерта ќе биде збогатена со артисти кои од Вас ќе го исцедат и последниот атом сила, меѓу кои: „Ликвид илужн“, „Селестиал интелиџенс“, „Етериал вижн“, „Тесла принсипл“, „Галактик експлорерс“ и Фоби.

„Дополнителни куп мали изненадувања кои овој фестивал ќе Ви го врежат во сеќавањата засекогаш. На вас останува само да се појавите“, порачуваат организаторите. Наскоро треба да има и дополнување на листата на диџеи и артисти, а најавен е и посебен декор од „Дарк форест“.

На локацијата на фестивалот ќе има посебен кампинг-простор, штандови за храна, пијалоци, тушеви итн. Сите детали за настанот можете да ги пронајдете на Фејсбук.



Врати се горе ↑