Настани

10 мај, 2019

Техно-дуото „Адријатик“ на јубилејниот „Грин бич фестивал“ во Струга

За Илинден, на 2 август во Струга, на јубилејното 10. издание на фестивалот „Грин бич“ ќе настапи највозбудливото техно-дуо во моментов – „Адријатик“ (Adriatique). Швајцарскиот тандем е првото најавено име за јубилејниот „Грин бич фестивал, кој годинава повторно ќе се одржува со дводневен програмски концепт – на 1 и на 2 август – два дена резервирани за најголемата забава ова лето на фестивалската локација кај хотелот „Еуротел“ во Струга!

По девет незаборавни изданија покрај Охридското Езеро, „Грин бич“, како синоним за најквалитетно електронско доживување кај нас, ја продолжува традицијата на претставување на врвните уметници од светската сцена во зенитот на нивната кариера и премиерно во земјава! Оваа карактеристика на фестивалот, со својата кариера и тоа како ја исполнува првиот изведувач кој го потврди своето гостување на јубилејното издание – едно од највозбудливите имиња на светската сцена во моментов, техно/хаус-тандемот „Адријатик“, соопштуваат организаторите.

Зад „Адријатик“ стојат двајца уметници – Адријан Шала и Адријан Швајзер – кои како веќе етаблирани швајцарски диџеи се запознаваат во 2008 година во Цирих, веднаш спријателувајќи се и започнувајќи да творат под името со кое изградија кариера како еден од најконзистентните и најдобрите диџејски и продуцентски тандеми на техно и хаус-сцената.

Клучот за нивниот успех е во уникатното меѓусебно надополнување како уметници. Додека едниот е повеќе насочен кон американскиот и детроитски хаус и техно, другиот сепак повеќе се пронаоѓа во германскиот и европски техно-звук. Нивните диџејски сетови, како и нивните продукции, се долги и медитативни, секогаш предизвикувајќи го слушателот со суптилни пресврти кои го прекинуваат хипнотичниот грув. Оваа комбинација на различни пристапи во жанрот се покажа како успешна и уште со нивните први изданија беше јасно дека на овој тандем му претстои блескава кариера.

 

Доказ за нивниот талент и автентичност и веројатно највлијателен момент во нивната кариера е и поддршката од Соломун и неговата издавачка куќа „Diynamic“. Изданијата за оваа етикета, но и за „Afterlife“ од Берлин во сопственост на дуото „Тејл оф ас“, „Culrpit“ од Лос Анџелес, „Wolf & Lamb“ од Њујорк, „Supernature“ од Лондон, „My Favourite Robot“ од Канада и други, ги одведоа до секоја точка на планетата, најголемите светски бини и клубови како „BPM“, „Amsterdam Dance Event“, „Sonar“, но и резиденција на Ибица. Покрај тоа, имаат направено и ремикси за артисти од калибарот на Моби, „Ху-мејд-ху“ (WhoMadeWho), „Ем-Еј-Ен-Ди-Уај“ (M.A.N.D.Y), „Крак-енд-смак“ (Kraak & Smaak) и многу други.

По речиси цела деценија заедничка работа, во 2016 година се исполни и нивната долгогодишна желба – основањето на сопствена музичко-продукциска платформа за уметност, наречена „Siamese“. Водејќи се по девизата дека музиката треба да биде медитација, преку оваа платформа освен што објавуваат сопствена, но и музика на други уметници, „Siamese“ поддржува визуелни и перформативни уметници и организира клупски настани.

Кон крајот на минатата 2018 година, „Адријатик“ го објавија и својот албум-првенец, а неодамна настапија и во рамките на познатата платформа за директен пренос „Cercle“ на бајковитите алпски врвови.

„Вооружени“ со своите свежи изданија, „Адријатик“ доаѓаат премиерно во Македонија на 2 август (петок) со настап на втората вечер на „Грин бич фестивал“ во Струга. Наскоро ќе биде објавенa и главната ѕвезда за отворањето на фестивалот, како и деталите за продажбата на фестивалските влезници.



Врати се горе ↑