Македонија 10151207_819522681401785_7295343655951544126_n

26 ноември, 2014

„Тажна љубов, среќна песна“ на Тамара е апсолутниот радиски хит за 2014 година

Синоќа во Универзалната сала во Скопје се одржа седмото издание на Македонскиот Радиски Фестивал – „МАРС 2014“, а во рамките на прекрасната манифестација настапија најпопуларните македонски музички имиња, чии песни беа наградени во повеќе категории. Со оглед на тоа што изминативе неколку месеци секојдневно ја слушавме на сите радио станици ширум Македонија, за апсолутен радиски хит беше прогласена темата „Тажна љубов, среќна песна“, со која Тамара Тодевска настапи на годинашното издание на „Макфест“.

„Кога првпат Роберт ми ја пушти песната да ја слушнам, јас не сакав да ја пеам и реков дека не е за мене, но еве излезе дека тој беше во право, бидејќи ми го направи најголемиот хит во кариерата. Ваква песна се раѓа еднаш на десет години“, изјави Тамара веднаш по добивањето на наградата што се состои од 60 000 денари и право за бесплатен концерт наредната година.

Покрај тоа што е апсолутен радиски хит за 2014 година, според новинарите од печатените медиуми и интернет порталите, „Тажна љубов, среќна песна“ победи и во категоријата за „Најдобар текст“, а наградата во вредност од 10 000 денари отиде во рацете на Игор Џамбазов, кој се потпиша како автор на стиховите.

 

Од вчерашната манифестација никој не си отиде дома со празни раце. „Бета хаус“, кои на сцената во живо го изведоа својот хит „Емили“, беа прогласени за „Ѕвезди што се раѓаат“, односно изведувач/група кои имале најголем подем во кариерата во 2014 година.

 

Победничката песна на „Макфест 2014“, темата „Врати се“ на Биба Додева беше избрана за „Балада на годината“.

 

Наградата „Партнерство за хит“, односно дует на годината отиде во рацете на Викторија Лоба и Дексо за макфестовската „Само мој“.

 

„Најпопуларниот радиски хит отпеан од машки вокал“ го има сопственикот на „Најголемиот радиски хит за 2012 година“Димитар Андоновски, а тоа е темата „Само тоа го можеш ти“.

 

„Врне, врне“ на Сара Мејс е прогласена за „Најпопуларен радиски хит отпеан од женски вокал“.

 

Титулата „Најпопуларен радиски хит од група“ ја понесе „Добро утро, будење“ на „Нокаут“, кои минатата година триумфираа со „Запомни, тоа е сè што имаме“.

 

„Дома си е дома“ на Тајзи го понесе признанието за „Најпопуларен радиски ар-ен-би/рап хит во 2014 година“.

 

„Мандарината“ на Влатко Лозаноски освои две награди и тоа „Поп хит на годината“ и „Хит по избор на публиката“, која гласаше преку на Фејсбук.

 

На Кристина Арнаудова за песната Земи ме“ македонските радиостаници и ја доделија наградата „Поп-Рок хит за 2014“.

 

Песната на Јоце Панов – „Моја најдобра“ е „Највртената песна од македонски изведувач во регионот за 2014“.

 

На Александар Митевски во рамките на наградата за „Трајни вредности“, по повод јубилејот 70 години од ослободувањето на Скопје, му беше доделено признанието автор и изведувач на песна за Скопје, за песната Мојот град“.

 

Победникот на „Х фактор“ и македонски претставник на Евровизија 2015,  Даниел Кајмакоски на „МАРС 2014“ ја доби титулата „Идол на нацијата во 2014 година“, а Нина Бадриќ и Бојан Маровиќ ги добија признанијата популарни „Ѕвезди од регионот“ во Македонија.



Врати се горе ↑