Аудио

18 јануари, 2018

Тања Станковиќ се враќа со „Љубов моја“

Со поп-баладата „Љубов моја“, Тања Станковиќ по долги години повторно е актуелна на домашната музичка сцена. Иако таа е секојдневно во светот на музиката, со оваа мелодија таа нѐ потсети на времето на 1990-тите години кога беше меѓу најуспешните македонски поп-пејачи. Заедно со Владо Јаневски таа настапи на Евровизија“ (1998), а нејзините хитови и денес не се заборавени. Наградите и видеозаписите се сведоштво за нејзините успешни ангажмани и пред сѐ за нејзиниот талент. Иако веќе две децении Тања со семејството живее и работи во Чикаго, САД, таа е нераскинливо поврзана со Македонија, а на повеќе домашни радиостаници веќе се емитува нејзината нова песна.

„Сиве овие години работев претежно како студиска музичарка, a како композиторка повеќе бев фокусирана на спиритуалната музика, самата инспирација го насочуваше патот. Но песната ’Љубов моја’ едноставно дојде среде ноќ, како гром од ведро небо, комплетна сосе текстот и дел од аранжманот во глава. Го разбудив Игор и му кажав дека имам убава мелодија. Се разбира, не му требаше многу време за да стане и да се упатиме кон студиото во најдолниот кат од нашата куќа. Песната им е посветена на сите вљубени луѓе, кои сѐ уште веруваат дека љубовта е вистинска магија во животот и дека сѐ уште прави чуда“, откри Тања во неодамнешен разговор со „Нова Македонија“, додавајќи дека пријатно е изненадена од реакциите на публиката.

„Македонската публика ме изненади многу пријатно. Надвор од Македонија сум нешто помалку од 20 години и кога по толку долг неактивен период на таа сцена некој ќе те поддржи со цело срце, за мене е тоа најголем комплимент како уметник. На Американциве им се допадна песната и ме форсираат да ја снимам и на англиски, па најверојатно и ќе го сторам тоа“, рече таа.

Нејзината нова песна можете да ја слушнете во продолжение, а целиот разговор прочитајте го овде. Уживајте!

Извор и фотографија: Нова Македонија



Врати се горе ↑