Македонија

26 јануари, 2019

Тамара Тодевска ќе нè претставува на „Евровизија 2019“ во Тел Авив

Во пресрет на 64. издание на популарниот европски фестивал, кој годинава ќе се одржува од 14 до 18 мај во Тел Авив во Израел, 42-те земји што ќе се натпреваруваат за титулата „Песна на Евровизија 2019“ полека започнаа да ги објавуваат своите песни или претставници, а сега конечно знаеме и кој ќе ги брани боите на Македонија по 19. пат.

Станува збор за една од најпознатите пејачки на нашата сцена – Тамара Тодевска, која зад себе има бројни хитови, но и богато евровизиско искуство. Имено, Тодевска првпат беше дел од евровизиската приказна во 2004 година, како една од придружните вокали на Тоше Проески, а четири години подоцна ги бранеше боите на нашата земја заедно со колегите Адријан Гаџа и Раде Врчаковски – Врчак, додека во 2014 ја придружуваше својата сестра Тијана.

Како што соопштија од МРТ, во моментов се во тек консултации со група автори кои ќе се погрижат за песната што ќе ја отпее Тамара во Тел Авив.

Сопственичката на хитовите „Тажна љубов, среќна песна“, „Готово е“ и „Брод што тоне“, на бројните фестивалски учества во Македонија честопати се нашла на второто место, па вели дека токму тој пласман е најмалку нејзина цел и овој пат.

Еден од мотивите за настапот оваа година на Евровизија, покрај тоа што ќе има сериозно победничка песна, е тоа што Тамара сака нејзините две деца и сопругот да ја гледаат на телевизија на евровизиската сцена. Кој ќе биде авторскиот тим и каква композиција ќе подготват за Тел Авив ќе дознаеме наскоро. Со среќа!



Врати се горе ↑